ФФМ со нова донација од УЕФА за инфраструктура

Фудбалската федерација на Македонија ќе добие нови, вонредни средства од УЕФА во висина од еден милион евра за подобрување на фудбалската инфраструктура во Македонија. На денешната прес - конференција за укажаната доверба од УЕФА и за новите проекти од стратешкиот план на федерацијата говореше генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.

-Во изминатиот период еден од главните приоритети на нашата федерација согласно стратешкиот план беше вложувањето во фудбалската инфраструктура. Реализацијата на низа проекти, започнувајќи од „Куќа на фудбалот“ и тренинг центарот „Петар Милошевски“, преку десетте терени со вештачка трева и поставување целосно нова тревна подлога и осветлување на пет стадиони во државата, па до комплетна изградба и опремување на капацитетите за Академијата на ФФМ. Постигнатото ни дава за право да веруваме дека можеме да одиме чекор повеќе во создавањето квалитетна спортска инфраструктура.

Фудбалската федерација на Македонија веројатно е единствената спортска институција во нашата држава која на таков начин, со средства од свои и извори од меѓународните фудбалски институции, ги реализира своите проекти и никогаш нема да се измориме од тоа! Од давањето поддршка, материјална и секаква друга во сите спортски средини во Македонија.

Денеска официјално можеме да потврдиме дека ФФМ со помош на УЕФА е способна институција да ги поддржи важните идни проекти во нашиот фудбал, од изградбата на инфраструктура до работа со млади категории, кои се во нашиот фокус и согласно стратешкиот план на федерацијата.

Со гордост можам да најавам е дека благодарение на реализираните проекти, УЕФА ни доделува нови, вонредни средства од „Хет Трик“ програмата во висина од еден милион евра, изјави Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ.

Задоволство од досегашната соработка и од начинот на кој досега ФФМ ги реализираше проектите од „Хет Трик“ програмата на УЕФА преку писмена изјава изрази и високиот претставник на УЕФА, Зоран Лаковиќ, директор на одделот на Национални асоцијации на УЕФА.

„Со задоволство можеме да потврдиме дека Фудбалската федерација на Македонија добива вонредни средства во висина од еден милион евра од „Хет-трик“ програмата на УЕФА за подобрување на фудбалската инфраструктура ширум Македонија. Комитетот на УЕФА за „хет-трик“ програма ги одобри овие вонредни средства затоа што сметаме дека вложувањето во инфраструктурата е неопходно и многу важно за развој на фудбалот, а предуслов за тоа се два битни принципи – реализација на претходните проекти од оваа програма и транспарентно и отчетно трошење на средствата. Ова е голема заслуга и на вашиот претседател, не само затоа што Илчо е голем профеционалец, туку затоа што секогаш се бори и се труди да обезбеди подобри услови за напредок на македонскиот фудбал. Ве повикувам и во иднина да бидете исто толку посветени и да вложувате во развој на фудбалот како што тоа го правевте во изминатиот период“.