ФФМ ја казни Шкендија: Шест меча без публика по инцидентите на мечот со Вардар

Тетовска „Шкендија“ следните шест натпревари како домаќин ќе ги одигра без присуство на публика откако Дисциплинската комисија на ФФМ го казни овој клуб.

Казната е како резултат на инцидентите што се случија за време на реванш полуфиналето во Купот на Македонија меѓу Шкендија и Вардар, кога по конфликтот меѓу двајцата капитени Бобан Грнчаров и Ферхан Хасани на терен влегоа дел од навивачите.

Судијата на натпреварот Александар Ставрев го прекина дуелот, а нешто подоцна продолжи. Висината на казната е како предупредување до тетовскиот клуб дека вакви случки можат да донесат и инцидент од далеку поголеми размери.

Ова значи дека денешното дерби дуел од првенството меѓу Шкендија и Вардар ќе се игра без гледачи, како и сите натпревари на Шкендија до крајот на шампионатот. Воедно, казната ќе биде и за првиот дуел од новото првенство.

Шкендија има право на жалба, но казната може да биде само намалена.