Гете-институт Скопје во соработка со Кинотека на Мекедонија по шести пат го организира Фестивалот за слика и филм за деца и млади (БУФ) од 19 до 26 април 2017 во Кинотека на Македонија. Повторно ќе се прикажува висококвалитетен избор на германски филмови за деца и млади.

- Бројката шест е секогаш нешто посебно: оној што во игра ќе фрли коцка и ќе му се падне шестка, највисокиот број, смее повторно да фрла. Покрај тоа, бројката шест и во денешно време означува совршеност. Затоа се радуваме што филмскиот фестивал за деца и млади оваа година се одржува по шести пат и со тоа стана традиционална манифестација во мислите и срцата на помалите и поголемите посетители. Додека минатата година фокусот лежеше на четирите елементи во природата – оган, вода, земја и воздух, оваа година во преден план е темата за авантурите и предизвиците. Направивме возбудлив микс од филмови за деца и млади и скоро сите се одликувани со предикатот „посебно вредни“ од страна на германската сојузна комисија за вреднување на филмови и медиуми -  - наведуваат организаторите.

Во анимираниот филм „Спасете го Рафи“ се работи за Семи, кој се впушта во авантура за да си го најде својот најдобар пријател. Во „Тајната на сафирот“ и „Сам против времето“ главните ликови заминуваат на пат во минатото, се соочуваат со чудни приказни и наидуваат на предизвици од други светови. Рики раскажува мирна приказна која поттикнува на размислување, зашто Рики доживува работи кои можеби им се познати на неговите врсници: осаменост, желба за признание, првата љубов и страв кој оптоварува. Посебна кулминација е турбулентната авантуристичка комедија „Офлајн–животот не е бонус ниво“, која гледачите ги воодушевува и поради актуелноста на темата им го задржува вниманието: седумнаесетгодишниот Јан наидува на посебни пречки не само во дигиталниот туку и во реалниот свет.

- На овогодишниот натпревар учениците треба да споделат со PASCH-заедницата слики или кратки видеа со актуелниот хаштаг во врска со темата на месец април. Tројцата учесници со најмногу лајкови ги очекуваат вредни награди како јазични испити на Гете-институт и други подароци. За наставниците ќе се одржи дводневна обука на тема Филмови во наставата по германски јазик. Референтката и наставничка Кристл Рајсенбергер ќе покаже како употребата на филмови може да ги мотивира учениците, а исто така нуди и многу дидактички можности за настава, која е ориентирана кон учениците и активнотото учење – истакнува тимот на Гете-институт Скопје.