Офф фест годинава ќе се одржи од 3 до 8 јуни во Скопје

Осумнаесеттото издание на Офф фест годинава ќе се одржи од 3 до 8 јуни во Скопје. Програмата е свежа и возбудлива, повеќе од кога било.

Извонредниот, од критиката фален и неколку пати наградуван тандем составен од двa авантуристички музички виртуозa - велшката харфистка Катрин Финч и сенегалскиот кора мајстор Секу Кеита - гарантира врвно музичко доживување од светски ранг. Црпејќи инспирација од сопствените различни традиции, трансформирани со импресивна синергија, Катрин и Секу стекнаа висок углед со своите брилијантни настапи. Откако постигнаа огромен успех со деби албумот „Clychau Dibon“ (2013), нивниот долгоочекуван втор албум „Soar“ се појави во 2018 година, по што следеа неколку големи турнеи. Албумот патува на крилјата на оспри (орел рибар), прекрасна птица грабливка којашто неодамна се врати во Велс по неколкувековно отсуство, прелетувајќи 3000 милји за една година од западноафриканскиот брег до речните устија на Велс, извишувајќи се, како музиката и сништата, над сите граници што ги поставил човекот. Волшебна, фасцинантна, комплексна и рафинирана, ова е исклучителна музика и возбудливо искуство во живо. Апсолутно хипнотичен и уникатен брак на култури.

Македонскиот композитор, гитарист и пејач Крсте Роџевски, кој повеќе од 20 години живее и работи во Њујорк, своите почетоци ги бележи во 90-тите во Битола, заедно со група музичари од која подоцна ќе произлезат Фолтин и Љубојна. Пошироката публика го познава по музиката од филмовите „Сенки“ и „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, „До Балчак“ на Столе Попов и „Војната заврши“ на Митко Панов, како и по соработката со Дуке Бојаџиев. Во оваа прилика, Роџевски ќе настапи со некои од највозбудливите музичари од првата лига на њујоршката џез-авангарда: Мери Халворсон, Кирк Кнафке, Томика Рид, Мајкл Бланко и Тома Фуџивара. Тоа е практично јадрото на екипата солисти со кои тој изминативе неколку години соработуваше при создавање-то и снимањето на неговата трилогија: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018), што добија одлични рецензии и пофалби од светската музичка критика, а последниот беше избран за еден од најдобрите албуми во 2018 година според светски реномираните списанија Downbeat и Wire. Оваа ексклузивна македонска концертна премиера на музичкиот материјал на Роџевски, ќе биде сочинета, главно, од композициите од „Batania“.

Басеку Кујате е вистински мајстор и амбасадор на инструментот нгони, древна, традиционална лејта од Западна Африка. Во рацете на Басеку, овој навидум ограничен инструмент напредна толку многу што успеа да постигне поширок мелодиски опсег и прилагодливост, опфаќајќи ги западните стилови како џез, блуз и рокенрол, што го зацврсти неговиот статус на основач на  електричниот нгони, виртуоз и визионер. Поместувајќи ги границите на возможното кога е овој инструмент во прашање, Басеку отиде дури и подалеку во својата револуционерност, формирајќи го првиот нгони бенд, Ngoni ba, составен исклучиво од нгони инструменти со различна големина и тонален опсег. Денес, Bassekou Kouyate & Ngoni ba, во чиј состав членуваат неговата сопруга Ејми Сако и синовите Маду и Мустафа Кујате, одржуваат редовни светски турнеи, со стотина концерти годишно, настапувајќи на реномирани фестивали како Fuji Rock, Roskilde, Northsea Jazz Festival,  Glastonbury, Latitude и други. Басеку Кујате се враќа на OFFest со нов, посуптилен и носталгичен албум. „Miri“ (сон, контемплација) е албум за љубовта, пријателството, семејството и вистинските вредности во кризни времиња.

Појавувајќи се експлозивно на сцената во 2011, Фатумата Дијавара се етаблираше како една од водечките женски гласноговорнички на новата африканска творечка генерација. Нејзиниот спектакуларен деби албум „Fatou“ (2011), ја лансираше оваа пејачка, актерка и активистка од Мали, меѓу најекспонираните нови африкански уметници на планетата. Вториот албум „Fenfo“ („нешто да кажам“), пак, на драматичен начин ги исполни очекувањата испорачувајќи нова збирка живописни и оригинални композиции што се потпираат врз нејзините богати животни искуства. Храбро експериментален, но со длабока почит кон потеклото, ова е албум што ја дефинира како глас на младата африканска жена - горда на своето наследство, но со сопствена визија за иднината и универзална порака. Има соработувано со некои од најзначајните имиња на современата музика: Херби Хенкок, Боби Вомек, Дејмон Албарн, Тумани Диабате, Уму Сангаре, Ди Ди Бриџвотер, Роберто Фонсека и многу други. Во исто време, продолжува со својата паралелна кариера како актерка, вклучувајќи ја и извонредната улога во филмот „Тимбукту“ (2014), кој беше номиниран за БАФТА и Оскар.

Сондорго (SONDORGO) е еден од водечките претставници на тамбурашката музика од Унгарија. Формиран од браќата Ередиќ кон средината на 90-тите години во Сентендре (мал унгарски град близу Будимпешта со долгогодишна српска традиција), овој возбудлив состав е посветен на изведувањето и промовирањето на јужнословенската фолк музика собрана од Бела Барток и Тихомир Вујичиќ, популарна кај заедниците што живеат долж реката Дунав. Нивната мисија е да ги оживеат скриените скапоцени камења на различните балкански звуци. Но, за разлика од повеќето групи што свират балканска музика, Sondorgo не изведуваат музика за дувачки оркестар, туку тамбурашка музика со извонредна техничка виртуозност и свежа интерпретација. Постојано присутни на унгарските и европските фестивали, Sondorgo континуирано настапуваат и со познатиот македонски саксофонист Ферус Мустафов - плод на оваа соработка е нивниот заеднички албум „Sondorgo & Ferus Mustafov In Concert“ (2009). Она што Sondorgo совршено го комбинираат е почитта кон традициите, желбата за иновација и блескавата незапирлива виртуозност.

Џамбо Агушеви оркестар е дувачки оркестар од Македонија којшто денес се смета за еден од најдобрите на Балканот. Музиката што виртуозно ја изведуваат може да се дефинира како своевидна фузија на традиционалните балкански, ромски и турски звуци со влијанијата на свинг, џез, поп и филмската музика. Од скромните почетоци во малата Струмица до освојување на сцените ширум планетава, Dzambo Agusevi Orchestra прерасна во врвна атракција на светската музичка сцена. Лидерот Џамбо Агушев, познат и по прекарот „the funky tiger“, е најпрославениот македонски музичар по заминувањето на Есма Реџепова, но тој, сепак, нема намера да подзаспива на ловориките на славата заработувајќи вистинско богатство со свирење на раскошни свадби и големи фестивали. Младиот виртуоз не беше задоволен со таквата кариера и оттогаш гледа како да ја одржи, развие и продлабочи репутацијата што тој и неговиот бенд ја имаат како музичари пар екселанс, освојувајќи ја публиката низ Европа и пошироко. На тој начин тие стекнаа голем број обожаватели.

LOVE AND REVENGE е заеднички проект на либанскиот хип-хоп пионер Рејес Бек и визуелната уметница Ранда Мирза. Станува збор за музичка рефлексија на нивниот културен идентитет, со цел да им дадат втор живот на старите арапски популарни песни и филмови, прилагодувајќи ги на принципите на современата музичка продукција и модерната визуелна естетика. Материјалите за своите визуелни и аудио семплови ги наоѓаат во уметничките дела на т.н. „златна ера“ на арапската култура, во арапската музика и филмовите од 40-тите и 50-тите години на минатиот век. Love And Revenge настапуваат во живо, пред платното врз кое во текот на концертот се прикажуваат романтични сцени од класичните арапски филмови, а бендот е составен од четири члена: покрај Рејес Бек и неговите електронски битови и Ла Мирза со нејзините визуелни ефекти, тука се и Жулиен Перадо на клавијатури и виртуозот на електричен ут Мехди Хадаб. Нивниот перформанс претставува заводлива аудио-визуелна покана за патување во светот од другата страна на Медитеранот, зад завесата што води директно до Арапските ноќи и другите слични бајки за љубовта и одмаздата.

ROMPERAYO звучат како брзодвижечко музичко патување низ колумбискиот тропски фолклор, палава и модерна интерпретација на психоделичните звуци на популарната кумбија и другите тропски ритми од 70-тите. Очекувајте фасцинантен музички огномет на електро-психоделична кумбија, кој не само што ги движи колковите и нозете, туку и го става вашиот ум во блажена состојба. Групата е дел од новата колумбиска музичка сцена, заедно со Meridian Brothers, Frente Cumbiero, Los Pirañas и други, коишто ги реинтерпертираат своите музички корени на еден нов, свеж, оригинален начин, комбинирајќи ги традиционалните ритми и модерната електроника. Современа тропска музика со електронски ритуали, микс од двата брега на Колумбија, контаминирани со психоделија, семплери, сајзери и многу перкусии. Предводени од „капетанот“ на новата генерација колумбиски перкусионисти, тапанарот Педро Охеда (кој свири и во Los Pirañas, Palanca, CieloMama, Frente Cumbiero, Ondatrópica и Mucho Indio), Romperayo се активни од 2011 година. Имаат објавено, три албума, вклучувајќи го и новиот, одличниот „Que Jue?“ (2019). Во последните неколку години бендот бележи интензивни турнеи низ Европа, настапувајќи  на значајни музички фестивали како португалскиот Sines и данскиот Roskilde.

Грант Маршал, познат по неговиот уметнички псевдоним DADDY G, се смета за духовен татко на феноменот што во историјата е познат како „Бристолски звук“. Тоа е оној лабаво-мрачен звук што во себе вдишува даб, реге, фанк, диско и хип-хоп, звук што остави глобална трага во последниве речиси три децении, застапуван од неговите главни протагонисти: Massive Attack, Tricky, Portishead, Smith & Mighty... Тој e еден од основачите на Wild Bunch Sound System, од коj произлегоа Massive Attack. Покрај Mushroom и 3-D, Daddy G беше еден од клучните членови на групата како и еден од главните вокали. Сепак, далеку пред да формира бенд, Daddy G беше познат како диџеј. Во 1980 година тој беше еден од најмладите диџеи во Бристол, а неговото име стана синоним за музички еклектицизам. Неговите диџеј сетови беа легендарни не само поради  самата селекција и вештини на миксање, туку и по неговата способност да го употреби микрофонот на толку различни начини како што тоа го правеше и со грамофоните. Успехот на Massive Attack во 90-тите ја проретчи активноста на Daddy G како диџеј, но тој никогаш целосно не го напушти овој свој вроден порив. А кога Massive Attack се на распуст, Daddy G продолжува да ги поттикнува луѓето да танцуваат во најдобрите клубови во светот.