По несреќите кои се случија изминатата недела, кога планинари останаа заглавени и по неколку часа на студот, Федерацијата на планински спортови на Македонија, објави апел до сите љубители на овој вид на рекреација да ги почитуваат кодексите, со цел во иднина да се избегнат вакви случки. 

Изминатиот викенд беше одржано традиционалното искачување на Шар Планина, односно нејзиниот највисок врв, Титов Врв, а непосредно пред тоа се случија двата инциденти кога планинари се повредија и беа заглавени и по неколку часа доцна во ноќта изложени на неверојатниот студ. Сепак двата случаја завршија добро, на крајот беа евакуирани со помош на Специјалната единица на АРМ. 

Од ФПСМ порачуваат дека е нужно да се почитуваат процедурите и кодексот на планинарење во зимски услови, за да се избегнат несреќи предизвикани поради неискуство или игнорирање на временските услови. Двата инциденти кои се случија викендот, се случија во услови кога со групите немало лиценциран планинарски водич, обучен за предводење на група во зимски услови. На тој начин биле доведени во опасност животите на други луѓе. 

Од таму, ги осудија оние кои надвор од организирана форма и непрописно се впуштаат во планинарење во опасни услови.