Европско кајакарско првенство во Карпош

Во коорганизација на Општина Карпош и Кајакарската федерација на Македонија, на 11 и 12 мај ќе се одржи Европското сениорско првенство во кајак – спуст.

Ова првенство ќе се одржи по течението на реката Вардар во Карпош, на пределот од мостот ,, Обединети нации" до старата Градска плажа во Градскиот парк.

На оваа голема спортска манифестација ќе настапат преку 200 натпреварувачи од 20 земји кои ќе учествуваат на кајакарскиот турнир. Општина Карпош, ќе партиципира во организирањето на настанот преку техничка и логистичка поддршка и тоа со поставување на канти за отпадоци на стартот и целта, озвучување со разглас , поставување на шатори на стартот од патеката и обезбедување на чамец за спасување кој ќе биде поставен на стартот. Освен овие технички помошни средства, патеката долж предвидената кајак - рута, целосно ќе се исчисти од страна на општинските служби.

Исто така, целосно ќе биде обезбеден паркинг за службените возила на екипите, со цел максимално да биде подготвен теренот од технички инфраструктурен и организациски аспект за одржување на ова Европско сениорско првенство во кајак – спуст.