Европа се гуши – Македонија и Босна на врвот по загаденост на воздухот

Македонија е на второто место по загаденост во Европа, веднаш по Босна и Херцеговина. Најзагадени држави во Европа според присутните штетни честички во воздухот во урбаните средини се БиХ (55,1), Македонија (42,7), Бугарија (30,3), Полска (25,4), Црна Гора (24,3), Унгарија (22,7), Србија (21,4). 

Најмалку загадени се Шведска, Финска, Исланд, Естонија и Норвешка. Ова се наведува во ранг листата на најзагадени земји која што ја објави српски „Блиц“ во текст во кој се осврнува на најгорливиот проблем со загадувањето, особено на Балканот.

Во текстот во кој се укажува дека Европа се гуши и дека алармот е вклучен на целиот континенет, се додава дека Брисел планира да ги заостри казните за земјите од ЕУ кои оваа година нема да се потрудат да го решат проблемот со загадувањето со тоа што ќе спроведат законски мерки и да ги применат стандардите.

Некои од нив може да бидат изведени и пред Европскиот суд за правдата и да бидат казнети, како што беше случајот со Бугарија минатата година.

Пет земји – Франција, Германија, Италија, Шпанија и Велика Британија добија предупредување од комисијата на почетокот на 2017 година, што е последен чекор пред изведување пред Европскиот суд за правда.

Бугарија која претседава со ЕУ во првата половина на 2018 година, се изјасни дека проблемот на квалитетот на воздухот ќе биде приоритет. Бугарија има стапка на најголема смртност во ЕУ, предизвикана од загадувањето на воздухот, со преку 13.000 случаи годишно, од скоро 400.000 во целата Европска Унија.

Според извештајот на Светската здравствена организација, во ЕУ минатата година најзагадени биле дури четири града во Полска, како и Димитровград во Бугарија.

Уште поголем проблем се балканските држави кои тежнеат да станат членки на ЕУ, пред се Македонија со екстремно загадените градови Скопје, Битола и Тетово. По загаденост на врвот на листата се и Плевља во Црна Гора и Тузла во БиХ.

Најзагадени држави во Европа: 

1. БиХ 55,1

2. Македонија 42,7

3. Бугарија 30,3

4. Полска 25,4

5. Црна Гора 24,3

6. Унгарија  22,7

7. Србија 21,4,

 

Најмалку загадени земји во Европа:

1. Шведска 5,9*

2. Финска 7,1

3. Исланд 7,1

4. Естонија 8,4

5. Норвешка 9,1