Европа да се подготви, доаѓа уште еден екстремен топлотен бран

Откако Европа минатите две недели беше погодена од топлотен бран кој во неколку земји однел и животи, доаѓаат нови прогнози кои наведуваат дека стариот континент ќе биде погоден од високи температури уште еднаш. Големи горештини доаѓаат во Франција, Германија, Австрија, Велика Британија, Норвешка, Холандија, Шпанија, Португалија, а нема ни да го прескокне регионот.

Метео Франс, француска национална метеоролошка агенција, во средата соопштила дека во таа земја доаѓа нов топлотен бран, но тие прогнози се уште не се конечни.

Агенцијата предупредила дека температурите во Франција, но и ширум Европа ќе растат од викендот и дека следниот вторник ќе достигнат температура од 35 степени Целзиусови. Во таа земја, исклучок ќе бидат северозападните региони.

Кон крајот на следната недела се очекуваат дождови и молњи, меѓутоа, температурите нема да паднат под 30 степени.

Иако Франција е единствена земја која официјално објавила дека доаѓа уште еден бран, таа нема да биде единствената погодена, пишува “Euronews”.

Кон крајот на јуни во неколку земји соборени се топлотни рекорди. Во Франција биле измерени 45 степени во првиот бран. Во Германија, Австрија, Чешка, Унгарија, Литванија, Полска, Словачка и Турција исто така биле измерени рекордни температури.

Научниците наведуваат дека јули веројатно нема да биде многу поразличен.

Јуни беше најтопол во историјата, а јули сега оди кон тоа да биде најтопол јули. Со оглед на тоа дека јули глобално е најтоплиот месец, ако се соборат рекорди, тоа ќе биде најтопол месец општо во историјата, изјавил професорот Мајкл Ман.

Експертите очекуваат дека високите температури ќе бидат присутни во текот на целото лето.