ЕВН отвори тренинг центар за вработени

ЕВН, по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа,  официјално го отвори целосно реновираниот тренинг центар за вработени во Македонски Брод, во кој со користење на новите едукативни содржини над 1.000 вработени од целата држава ќе можат да стекнат практични вештини и знаења во областа на електротехниката, со посебен акцент на квалитетот и безбедноста при работа.

Во тренинг центарот целосно опремени се над 2.500 квадратни метри надворешен простор и 550 квадратни метри внатрешни простории. Опремен е со надворешен полигон за вежби со нисконапонска и среднонапонска мрежа, компактна трафостаница, мерни ормари, изложбен простор со материјали за инсталација во мрежа, просторија со надгледни едукативни средства и опрема за заштита и здравје при работа, информативни експонати за заштита на животна средина, училници и заеднички простории за престој и хигиена.

-Природата на нашата дејност е специфична и ги изложува вработените на различни ризици и предизвици. Дополнително, широко распространетата мрежна инфраструктура и обемот на работа при управувањето со истата несомнено има влијание и на животната околина. Токму затоа, една од нашите најсилни заложби е грижата за здравјето и безбедноста на нашите вработени и зачувувањето на животната околина. Во Македонски Брод изградивме современ тренинг центар со цел најсоодветно да ги подготвиме вработените да се справат со предизвиците од нивното секојдневие, изјави Харалд Дамерер, управител на Електродистрибуција, дел од ЕВН Групацијата.

Членот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Сашо Стојкоски порача дека Тренинг центарот во Македонски Брод е изграден како кулминација на континуираните напори на компанијата за безбедност и здравје при работа на вработените.

-Изминатиот период спроведовме кампања за подигнување на свеста кај вработените за значењето и начините за заштита и здравје на работното место. Во едукативните содржини најголем акцент е ставен на правилното и квалитетно рaботење при изградба, одржување и санација на мрежата, но и услужувањето на корисниците, изјави Стојкоски.

 

ЕВН оваа година е добитник на повеќе награди за најдобри практики во областа на безбедноста и здравјето при работа од страна на Националниот совет за безбедност и здравје при работа и стручните здруженија за безбедност и здравје при работа.