Еве зошто сѐ уште се немам омажено...

Имам 29 години и често ме прашуваат зошто не сум се омажила и дека тие на мои години веќе имале деца, маж, итн. Па да ви кажам нешто, онака искрено, не сум се омажила затоа што не сакам само онака да влезам во брак. Време ми е? Како вие знаете кога е моето време?

Вие можеби сте се омажиле од страв да не останете сами, а јас можеби од истиот страв се немам омажено. Не сакам да бидам „сама“ во бракот. Мене не ме интересираат врски и брак сами по себе. Не сакам да влезам во врска ако истата нема некаква подлабока смисла. Мене не ми треба маж да ме направи целосна, да ме издржува. Тоа можам и сама. Мојот татко можеби не доживеа доволно за да го имам покрај себе, но доволно живееше за да ме научи да се грижам сама за себе. Заработувај сама, плаќај си ги сметките, сама купи си го она што го сакаш и не очекувај другите да го прават тоа за тебе. И така и живеам. 

И вие ми кажувате дека тоа е апсурдно? Зарем вие го родивте својот син за еден ден да издржува некого? Дали ќерка ви ја родивте само со целта добро да се омажи? Се надевам дека не. 

Кога сам ќе создадеш нешто, тогаш ти си со луѓето затоа што сакаш да бидеш, а не од потреба. 

Дали знаете колку е прекрасно чувството да не ви е потребен некој, но го сакате? Мислам дека тоа е важно да се знае, а често се заборава. Бракот не е никаква сигурност. За ништо. Човекот кој не ве сака, ќе ве изневери или остави без оглед на тоа дали сте во брак или не. 

Не сакам ништо да му наметнувам на човекот на мојот живот. Ако не допреш до некого и ако некој не допре до тебе, тоа е како да стоиш пред вратата на нечиј живот и само така стоиш, а не влегуваш. Мене ми треба партнер, маж, „соучесник“, а не паразитска симбиоза која некои луѓе сакаат ја нарекуваат љубов. 

Велат дека сум премногу оштетена за љубов. И Рим е изграден врз урнатини, па е величествен град, зошто мислите дека јас не можам да изградам и создадам љубов?