Еве на кои места во Аеродром ќе се градат новите 40 згради

Општина Аеродром излезе со официјално соопштение за противењата на граѓаните и на опозициските партии во однос на предложените два ДУП-ови што предвидуваат изградба на нови станбени згради на сегашни слободни површини.

Со првиот урбанистички план за потегот од железничката станица до СЦ „Јане Сандански“ се предвидуваат три нови станбени згради со три ката предвидени на локации каде во моментов има трошни куќи. Од Општина Аеродром велат дека жителите на овие куќи биле пресреќни поради можноста да ги подобрат своите услови за живот, дополнувајќи дека овие парцели се наоѓаат во приватна сопственост.

„Третата локација се наоѓа покрај булеварот „Јане Сандански“, во непосредна близина на Мајчин дом и таа локација е во градежна зона во линија на ТЦ „Капитол“, „Скопски пазар“, „Веро“, Рударски институт, станува збор за парцела во приватна сопственост, а не е јавна површина“. Слично објаснување од локалната самоуправа даваат и за вториот предлог – урбанистички план за населбата Ново Лисиче.

„Вториот план, кој е во Горно Лисиче и се презентира од страна на урбанистите, се однесува на место што е целосно запуштено и долги години наназад служи за фрлање шут и отпад на несовесни граѓани“, велат од Општината.

 Од локалната самоуправа посочуваат дека на потегот од Ново Лисиче кон Горно Лисиче се предвидени 30 згради на четири ката, како и изградба на ново основно училиште, градинки, нови улици, паркиралишта, ново улично осветлување, паркови, дом на култура, старечки дом и други содржини неопходни за граѓаните. Жителите на населбата Острово пред неколку дена револтирано најавија дека ќе организираат протести и други граѓански акции за да го изразат својот револт против донесувањето на двата нови урбанистички плана од Општина Аеродром.