Есента ги носи настинките и вирусите – педијатрите со апел до родителите

Вируси ги наполнија амбулантите на педијатрите. Дневно прегледуваат и по стотина болни.

-Имаме драстично зголемување на бројот на пациенти. Временските промени многу влијаат бидејќи дечињата, односно, нивниот имунитет не може да се прилагоди на тие разлики. Прво почнува течење на нос, кашлица, а кај некои случаи има и пролив и повраќање, вели педијатар.

Педијатрите советуваат дека родителите не треба да ги претрупуваат децата со хемии давајќи им разни препарати за имунитет. Разновидната а не еднолична исхрана според детските лекари е неопходна во трката со вирусите и настинките.

-Не треба да се претерува. Имав родтиел кој наутро му дава на детето неколку препарати го носи во градинка и потоа прашува зошто се разболува. Децата едни со други се дружат и ако едно е болно се шири. Кај вирусите е најдобро два три дена да се остане дома, вели педијатар.

Личната хигиена, честото миење на рацете и проветрување на просториите се дел од превентивните мерки во сезоната на вируси и настинки.