Епидемијатa не стивнува: Од мали сипаници досега заболени 259 лица, починаа три деца

Епидемијата со мали сипаници во Македонија не стивнува, напротив бројката во континуитет расте. Така на територијата на целата држава од почетокот на епидемијата на мали сипаници до средината на февруари регистрирани се вкупно 259 случаи на мали сипаници.

Според податоците на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ) само во последната недела пријавени се вкупно 71 случај, од нив 65 случаи се во Скопје и еден случај во Струмица и пет заболени во Тетово.
Епидемијата досега ги има зафатено сите општини на територијата на град Скопје.

Во оваа критична недела регистрирани се и три смртни случаи од мали сипаници кај деца на возраст од 5,5 до 13 месеци. Трите деца се невакцинирани со МРП вакцина и причина за смртниот исход е бронхопневмонија како последица од компликација на заболувањето со мали сипаници

Според анализите на институтот возраста на заболените се движи од 1 месец до 51 година. Но од вкупниот број на заболени, 148 заразени што претставува 57,1% се на возраст до 4 години, а 66 лица, односно 25,5% од болните се на возраст над 30 години.

Статистиката потврдува дека 193 пациенти или 74,5% од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
– Од невакцинираните лица, 50 се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација – потенцираат од ИЈЗ и дополнуваат дека од вкупниот број на заболени, 164 лица, односно 63,3% се лабораториски потврдени.
Во однос на спроведените засилени активности за вакцинација со МРП вакцина, од почетокот на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица во земјава достигна 9.779, од кои 6.740 лица се на територијата на град Скопје.

Имунизацијата продолжува,а во исто време остануваат на сила и претходно препорачаните мерки и активности кои ги превземаат Центрите за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство, ДСЗИ и вакциналните тимови во пунктовите за вакцинација. Додека трае епидемијата во градинките нема да се примаат невакцинирани деца. Последата епидемија на морбили во земјава ја имавме во 2014 година, но таа беше од помал интензитет.