Епидемија на варичела е прогласена во неколку града во земјата, каде што има зголемен број заболени од ова вирусно заразно заболување, а во Скопје само во јануари се заразени повеќе од 200 лица, меѓу кои има и постари од 50 години. Во целата земја веќе има 500 заболени. Иако ретко, во просек заболуваат и 10 отсто од возрасните што не ја прележале оваа сипаница како деца, па остануваат осетливи на заразување со вирус на варичела.

Во Скопје во јануари има околу 200 новозаразени лица, според најновите извештаи од Центарот за јавно здравје. Додека во минатата година, вкупно 3.294 скопјани биле пријавени како заболени од овчи сипаници.

- Во декември имавме пријавено 389 заболени од варичела во главниот град, а во ноември 272 случаи. А, на пример, во јануари минатата година имаше 448 заболени. Што се однесува до возраста на која има најмногу заболени од овчи сипаници, според официјалниот извештај за 2016 година, од варичела најмногу заболувале деца на возраст од 2 до 14 години и тоа вкупно околу 300 деца. Најмалите кои заболеле се бебиња до една година и вкупно се шест женски и 11 машки. Но, се разболуваат и многу постари лица. Има и неколку скопјани постари од 50 години што заболеле од варичела, односно тие се и во групата од 50 до 59 години, и кај нив е можно да се јават компликации - вели д-р Лиле Лазаревска, раководителка на одделот епидемиологија во Центарот.

Таа додава дека ова заболување е со висок степен на заразност и оти може да заболи секој.

А откако ќе се прележи, остава солиден имунитет, ретко е можна повторна инфекција. Инкубација трае од 14 до 18 дена, а заразноста е од неколку дена пред, па до седмиот ден по избивање на исипот.

Иако овој вид овчи сипаници во најголемиот број случаи завршуваат без последици за здравјето, сепак, може да предизвикаат и сериозни последици како воспаление на мозокот или на мозочните обвивки, што, за среќа, поретко се јавува, како и воспаление на средното уво и на белите дробови. И кај возрасните што ќе заболат можна е потешка клиничка слика отколку кај децата (поизразен исип, можност за компликации).