Епидемија на морбили во делови на Скопје - Се апелира за итна вакцинација

Епидемија на морбили во општина Гази Баба откако четири деца од Маџари се хоспитализирани на Инфективна со ова опасно заразно заболување. Одлуката ја донесе Комисијата за заразни болести по регистрирањето на уште еден случај со мали сипаници во Кондово. 

Петте деца од кои најмалото е 12 месеци а најголемото 11 години се сместени во карантински соби. Не биле вакцинирани со задолжителната МРП вакцина. Сомнителни и под надзор се сите лица кои биле во непосреден контакт со нив. Пред да завршат во болница инфектолозите велат дека поминале во неколку здравствени установи.

 Појавата за опасните морбили ги крена здравствените власти на нозе.  Вчера во областа Колонија во Маџари и во Кондово вакцинирале околу 100тина лица од 6 месечна до 60 годишна возраст. Скопскиот центар за јавно здравје од понеделник ќе ги проверува сите вакцинални карптони, имајќи в предвид дека во главниот град имунизацијата со МРП е падната на 60 проценти.

Во зависност од состојбата на терен надлежните ќе проценат дали ќе има потреба од дополнителни мерки. Апелираат до граѓаните да не ја одложуваат вакцинацијата бидејќи малите сипаници можат да доведат до сериозни компликации но и смртни случаи како што е случајот во Романија и други европски земји. Во Македонија последен пат имаше морбили во 2014 со 110 случаи.