Елена од скопско со породилни болки три часа одела по снег и студ

Елена и Миле Здравески од селото Брест направиле вистински подвиг што засекогаш ќе го паметат. Сопругата Елена со породилни болки по снег со височина од 40 см и на -20 степени три и пол часа пешачела за да стигне до селото Самоков, каде што ја чекало амбулантно возило за да ја превезе до најблиската болница.

-Утрото на 9 јануари никогаш нема да го заборавам. Во раните утрински часови мојата сопруга наеднаш доби силни породилни болки. Се најдовме пред сериозно искушение како да стигнеме до најблиската болница. Висок снег со многу наноси, минусни температури и патна делница од седум километри требаше да се совладаат од нашето село до селото Самоков. Одлучивме да тргнеме пеш, бидејќи немаше друго решение. Јас одев напред за да го пробијам снегот, а по моите стапки одеше сопругата. И така повеќе од три часа - раскажува за подвигот Миле Здравески од селото Брест, татко на две деца, а сега и на трето.

Додека секакви мисли му поминувале низ главата, се јавил во општината во Македонски Брод, каде што ги известил за случајот и побарал амбулантно возило да ги чека во селото Самоков.

- Патувањето помина во крајна тишина, се слушаше само крцкањето на снегот и отежнатото дишење на мојата сопруга. Повремено запиравме за таа да се одмори, но студот не дозволуваше подолги паузи. Ми се чинеше како цела вечност. Сепак, успеавме да стигнеме во Самоков каде што нѐ чекаше амбулантно возило што нѐ превезе до кичевската болница. Нашите стравувања конечно завршија - вели

Миле, пресреќен соопштувајќи ни ја веста дека е татко на уште едно дете, новородената ќерка.

- И покрај огромниот напор што го имала по утринското пешачење, сепак Елена одлично го поднесе породувањето и на свет донесе здраво женско дете со тежина од 2,5 кг. И двете се чувствуваат одлично и утре ќе бидат пуштени од нашето одделение - рече д-р Љупче Ристески, гинеколог од Кичево, кој ја породи Елена.

Извор: Нова Македонија