Електронско плаќање патарини на автопатот Велес-Скопје до крајот на годинава

Министерството за транспот и врски ги издаде потребните дозволи за модернизација на наплатните станици на Коридорот 10 и со ЈП за државни патишта работат на реализација  на проектот за електронска наплата на патарините во вредност од 18 милиони и 700 илјади евра.

– Наплатната станица на Рамановце кај Куманово е во завршна фаза. Во тек се  и градежните работи на наплатната станица кај Сопот, на наплатната станица  од другата страна на Велес, како и на наплатните станици кај Градско и Петровец, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој со директорот на ЈП за  државни патишта Зоран Китанов извршија увид во градежните работи за реконструкција и модернизација на наплатната рампа Сопот на автопатот Велес –Скопје.

Според Сугарески, на патарините ќе се направи проширување со по неколку ленти, со цел да се избегнат сите тесни грла во сообраќајот кои ги има во шпицот на сезоната во летниот период. Со тоа ќе се олесни протокот на сообраќајот и ќе се воведе електронскиот систем на наплата. Оваа целосна инвестиција чини околу 18 милиони и 700  илјади евра од коишто 2 милиони и 800 илјади евра се од Буџетот на Р.Македонија, а 15 милиони и 800 илјади евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.

Китанов појасни дека проектот е започнат пред три години, но оти од непознати причини дозволите за градба чекале две години.

– Во соработка со Министерството за транспорт и врски за неполни два месеца ги издадовме дозволите и оваа наплатна станица-патарина како и  за другата наплатна станица од Велес за Скопје, а со тоа тие почнаа со изградба пред два месеца. Рокот за изградба е осум месеци. Целта е Коридорот 10 до крајот на годинава, а овие две наплатни станици до почетокот на летната  сезона, да бидат како што бараат и граѓаните со повеќе ленти, односно ќе бидат со пет ленти, рече Китанов.

Најважно, додаде, е што ќе имаат електронски систем за наплаќање. На почетокот ќе има плаќање како и досега и наплаќање со картичка. Воедно ќе има и при пејд плаќање коешто ќе придонесе за побрз проток на возилата. Во една рампа на почетокот ќе биде со електронско плаќање којашто ќе биде со цел за побрз проток на возилата.Тоа е со цел да има повеќе рампи, да биде регулирано со брзина на плаќање со припејд, наместо како досега со пари. Дозволи се издадени и за наплатната станица кај Градско и кај Петровец,  потенцира Китанов.

Воедно директорот Китанов за десет до петнаесет дена најави дека ќе ги издаде и дозволите за наплатните станици  новиот автопат што ќе се пушти Демир Капија-Смоквица, односно на наплатни станици кај Демир Капија и Гевгелија.

– Со тоа сообраќајот на  целиот Коридор 10 од Куманово до Гевгелија ќе биде без застој со современи наплатни станици, со електронско плаќање за да може да се регулира целиот сообраќај,најави Китанов.

Како што информира, се работи и на софтверскиот дел за Коридор 8.

– Веќе е заршен тендерот и  во фаза на изведба се нови 30 кабини на Коридор 8, а  ќе се заменат постоечките и  оштетените настрешници. Сето тоа да се реновира во модерен стил, да бидат унифицирани и да се воведе електронска наплата и на овој Коридор 8,најави Китанов.