Електричните тротинети не се во законот но веќе се учесници со сообраќајките

Скопјанка на возраст од 41 година што управувала со електричен тротинет доби потешки повреди и заврши во болница по сообраќаен инцидент со автомобил. Ова е веројатно првата несреќа во која потешко настрада возач на тротинет или можеби првата за која знае јавноста, бидејќи од МВР не ни потврдија дали ова е и единствената досега, откако електричните тротинети навистина се намножија по скопските улици. Тие сѐ уште не се дефинирани во законска рамка, дали се сметаат за сообраќајни средства или се само реквизити за забава. Но сериозноста со која се среќаваат во сиот сообраќаен метеж по улиците и несреќите што почнаа да се случуваат налагаат еден посериозен пристап и можеби нивен третман на превозни средства. Ако тие сѐ уште не се во законска рамка, се поставува прашањето чија е одговорноста во случајов со сообраќајната несреќа, иако тоа не се знае во моментов. Потоа дали воопшто корисниците на електричните тротинети може да подлежат на некаква одговорност доколку се виновни и како ќе се третираат нивните возачи во ваквите несреќи сѐ додека не се формализира законската рамка за електричните тротинети?

Од друга страна, пак, промовирањето од градските власти за користењето и субвенционирањето на електричните тротинети направи тие да станат позастапени и попопуларни. Нивната висока еколошка вредност, малата тежина и големина, подвижност и брзина ги прават добри превозни средства во урбаната средина. Но истите карактеристики ги прават овие уреди тешки за класификација и одредување во правна рамка. Последните информации од МВР беа дека се прават напори електричните тротинети да се вметнат во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата. Од МВР не ни одговорија конкретно што во вакви случаи кога ќе се случи сообраќајка, а учесник е и некој што управувал електричен тротинет, колку тој ќе има последици ако законски не е обврзан.

– Во врска со вашето барање за информации поврзани со сообраќајна незгода што се случи на 4.9.2019 на крстосницата од бул. Крсте Мисирков и бул. Гоце Делчев, во која учествувале патничко возило „мерцедес 320“ со скопски регистарски ознаки и електричен тротинет, управуван од скопјанка на 41 – годишна возраст, Одделението за увиди на сообраќајни незгоди при СВР-Скопје изврши увид на местото, а се обезбедуваат и други докази од настанот. По комплетирање на увидниот материјал, тој со соодветен поднесок ќе биде доставен до Основното јавно обвинителство за понатамошна постапка – велат од МВР.

Оттаму не прецизираа по која законска рамка ќе се утврдува одговорноста и дали електричните тротинети се изземени од одговорноста при сообраќајот. Но фактот дека стануваат сѐ поприсутни во сообраќајот не може да се изземе. Тоа го потврдуваат и известувањата на градот Скопје, кои зборуваат за тоа дека се исцрпуваат финансиите наменети за субвенционирање на електричните тротинети. Нивното зголемено присуство по тротоарите, велосипедските патеки и коловозите само зборува за потребата од нивно итно нивно сместување во законска рамка, каде можат да се возат, со колкава брзина, од која, па и до која возраст некој може да користи електричен тротинет и слично.