Електрични или автобуси на природен гас ќе бидат иднината на Скопје?

Електрични или автобуси на природен гас ќе биде иднината на Скопје? 

Догодина во мај во Скопје ќе стигнат 33 автобуси на гас од германскиот производител МАН. Ќе бидат набавени вкупно 33 нископодни автобуси, 21 единечен со капацитет за 85 патници и 12 зглобни за 149 патници.

Со новите еколошки автобуси годишно ќе се заштедат 25.000 евра за гориво, во споредба со двокатните кинески и воопшто нема да загадуваат бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ честички.

Електрични автобуси веќе има низ скопските улици. Станиците за полнење на батериите се поставени на крајните постојки во Ново Лисиче и во Карпош 4. 

Станува збор за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови што го загадуваат воздухот.

И електричните и плинските автобуси имаат свои предности и маани. Плинските се поевтини, но трошат повеќе. Превозот со електричните е евтин, но набавката на вакви автобуси е многу скапа. Дополнително, треба да се инвестира во постројки за полнење.

Бројот на патници во градскиот превоз во Скопје во изминатите три децении се намалил за три пати. Луѓето сè почесто користат автомобил зашто јавниот превоз е бавен и со низок капацитет. Воведувањето еколошки автобуси во голема мера ќе му помогне на јавниот превоз, но нема да го реши проблемот со малото користење јавен превоз на сметка на автомобилите.

Скопје заслужува автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат.