Експертите анализираат: Земјотресните бранови се движат брзо – по Италија можен ли е силен земјотрес и во Македонија

Оваа серија земјотреси што се случува на Италија, во науката се вика земјотресни роеви, и сметам дека овој земјотрес ќе биде и последен во овој рок. Нема да има повеќе земјотреси и секако тие нема да се префрлат на македонска територија, тоа е невозможно, вели Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство.

Тој додава дека за Италијанците е вистинска среќа што земјотрес со јачина од 6,6 степени според Рихтер и на речиси 6 километри во длабочина на земјата, удрил во планинските села каде што нема многу население и дека би имало илјадници жртви ако погодел некој поголем град.

– Земјотрес со јачина од 6,6 степени секако дека предизвикува голема материјална штета. За силата на земјотресот првично јавија дека е 7,1 степени, но подоцна беше поправено на 6,6, што е најсилен од земјотресот на 24 август во кој загинаа речиси 300 лица и кој срамни со земја неколку мали града. Иако с` уште нема информации за жртви, штетата од земјотресот секако е голема. Тоа се мали места со стари градби кои претежно служат за туризам, а населението во поголемиот дел е иселено и е во околните градови. Во близина на селцето Норци, каде што бил епицентарот на земјотресот, бев пред дваесетина дена, на покана на Италијанците, а ова селце го одбраа оти било посигурно место по земјотресот во август. Пред дваесетина дена дури се фалеа како се добро зајакнати и старите градби, немале никакви оштетувања. Но, овој земјотрес урна повеќе згради и куќи. Не слушнав дека имало жртви. Дури во околината на ова селце и земјата е распукана од силината на земјотресите што се јавувале во последните педесетина години. Kако и да е, сметам дека е доста од земјотреси, многу енергија се испразни и веќе нема да ги има барем во следните 4-5 години. Секако во следните шест месеци ќе има афтершокови и потоа сeќе се смири, вели за Дневник директорот на ИЗИС Михаил Гаревски, кој најавува дека повторно ќе оди во Италија на увид.