Економски мерки и закони во 2019: Редовни и зголемени пензии, субвенции за ново возило...

Во новата 2019 година Македонија влегува со најголем буџет до сега. Вреди дури 3,7 милијарди евра.

Неговите креатори велат дека тоа е така зашто од него многу ќе се дава. Но, другата страна на вистината е дека ќе мора и многу да земе, за да може да се даде таму каде што се давало досега, плус и таму каде што е ветено дека ќе се дава од 2019.

А, кога е во прашање земањето, како најзасегнати се јавуваат вработените со плати повисоки од 90.000 денари. Ним, според планот за воведување прогресивен данок на секој денар над таа сума наместо 10 како досега, ќе им се земаат 18 проценти. Пакетот измени на Законот за личен доход е пред финализација, а во него освен овие измени има и други – на оние кои добиваат на игри на среќа, земаат дивиденда, издаваат имот…, данокот од 10 им се зголемува на 15 проценти.

Прашање е колку ќе помогнат парите што ќе се соберат со овие зголемени давачки, особено тие што ќе се земат од вработените со плати над 90 илјади денари кои ги има само еден процент, но буџетот ќе мора да се наполни “до даска”, ако се сака да се исполнат ветените и со закони утврдените права на граѓаните, поврзани со трошење на народните пари.

Ново возило со субвенција од државата

Едно од нив е тоа што од годинава граѓаните кои ќе купат ново возило можат да побараат субвенција од државата. За набавка на електрични и хибридни возила, за вградување плин и за купување нов автомобил со одјавување на стариот, во буџетот за 2019 година се предвидени 170 милиони денари или околу 2,8 милиони евра. За останатата содржина на возниот парк во државата се предвидени еколошки налепници кои ќе кажуваат кое возило може да се вози, а кое не, во зависност од загаденоста на амбиенталниот воздух. Кај оваа мерка, подебелиот крај е за посиромашните, кои не можат да си купат поново, а со тоа и поскапо возило кое помалку загадува.

Редовни и зголемени пензии

На пензионерите им е ветено дека пензиите ќе ги примаат редовно, а ќе им се зголемуваат според инфлацијата. Но, затоа, идните пензионери, односно сегашните вработени, за пензискиот придонес ќе плаќаат повеќе од досега. Дали тоа ќе биде сигнал за работодавците да им ги намалат примањата? Како и да биде, кога се во прашање пензиите, најмногу ќе се радуваат рударите, зашто во пензија ќе заминуваат помлади, а оние со само еден ден стаж и наполнети 65 години конечно ќе ја дочекаат долго најавуваната социјална пензија од стотина евра.

Исто така, пензионери ќе можат да станат и продавачите на зелените пазари. Но, само лиценцираните, а такви од 1 јануари не може да бидат вработените и пензионерите. Така ќе биде барем на почетокот на годината, а понатаму, како што е најавено, може нешто и да се смени. Во социјалниот дел корисниците за надомест за трето дете ќе се соочат со нов пакет социјални примања, кој дури откако ќе почне да се исплатува, ќе се види дали е соодветна замена.

Нов Закон за извршување, се кратат трошоците до 90%

2019 со ново олеснување во форма нов Закон за извршување. Меѓу другото, со него оди и нов тарифник, кој трошоците за извршување ги крати за 20 до фантастични 90 проценти. Кога се во прашање долговите на граѓаните, значително намалени се и нотарските трошоци.

Можат да здивнат и компаниите, зашто се намалуваат казните за разните прекршоци, а како принцип на инспекциите се најавува прво опомена и едукација, па на крајот глоба. Но, без здив може да останат административците, иако е најавено дека од септември ќе им се зголемат платите. 2019 година ќе биде година на реформи во јавната администрација, што и да значи тоа, бидејќи е услов за почеток на преговори со ЕУ.

Либерализацијата стартува, домаќинствата сами ке си купуваат струја

Македонските граѓани ги чека старт на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, при што тие самите ќе можат да одлучат од кого ќе се снабдуваат со електрична енергија. За околу 600.000 домаќинства во земјава Владата на РМ на 18 септември 2018 согласно новиот Закон за енергетика го распиша тендерот за универзален снабдувач со струја за да можат домаќинствата и малите фирми да изберат од каде ќе купуваат електрична енергија. Во трка се две компании ЕВН Македонија заедно со ЕВН снабдување и Елем Трејд ДООЕЛ Скопје. Универзалниот снабдувач треба да почне со работа од 1 март 2019 година.