Економската состојба на скопјани влијае на кој начин тие се транспортираат низ градот

Економската состојба на скопјани влијае на кој начин тие се транспортираат низ градот. Оние со подлабок џеб секојдневно ги користат своите автомобили, додека оние со пониски месечни примања, се возат со автобусите на јавниот градски превоз.

Оваа констатација ја потврди и испитувањето на јавното мислење на скопјани од урбани и рурални општини што од 23 октомври до 4 ноември годинава го спроведе НВО “Гоу грин” – “Биди зелен” во однос на еколошката свест на граѓаните на метрополата.

– И покрај тоа што на 86% од испитаниците екологијата им е важна, повеќе од една третина (35%) преферираат да возат автомобил или друго сопствено моторно возило при одење на работа или при извршување на секојдневните обврски надвор од својот дом. Економската состојба влијае врз начинот на кој се транспортираат. Половина од испитаниците со семејни примања од 60.001 до 100.000 денари секој ден возат автомобил, додека само 10% со примања до 20.000 денари месечно користат автомобил – покажа истражувањето на “Гоу грин”.

Што се однесува до автобусот, истражувањето покажало дека тоа е најкористеното транспортно средство од страна на 38% од испитаниците. Особено кај лицата кои живеат во руралните средини (50%) и лицата постари од 60 години (60%).