Еколошки налепници за возилата во Скопје

Еколошките налепници што ќе ги добијат автомобилите во Скопје, а кои ќе се однесуваат на движењето на возилата во денови кога ќе биде загадено, ќе бидат уредени со измени и дополнувања на Законот за животна средина.

Во законот треба да се вградат нови одредби со кои ќе бидат утврдени формата и дизајнот, набавката, контролата, дистрибуцијата, глоби и инспекцијата.

Со законот ќе биде уредено и тоа како ќе се категоризираат возилата, односно возилото во станиците за технички преглед зависно од тоа кој ЕУРО стандард го исполнува ќе добие еколошка налепница со црвена, портокалова или зелена боја.

Ова е договорено на средбите одржани меѓу  Министерството за економија, Министерството за внатрешни работи и Министерството за животна средина и просторно планирање и Град – Скопје.

Општините во кои има загадување на воздухот од возилата ќе треба да изработат и донесат пропис согласно Законот за локалната самоуправа со кој ќе се воведе режим на сообраќај - зонирање, како и поставување сообраќајни знаци за ограничување на заштитената еколошка зона во општините, односно да воведат забрана на движење на возилата со црвена еколошка налепница.