Едукативен час „Биди неговиот херој“ во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“

Агенцијата за храна и ветеринарство под мотото „Биди неговиот херој“ денеска ќе го одржи првиот едукативен час со првоодделенците од основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ од Скопје.

Агенцијата со тоа ќе ја почне реализацијата на втората фаза од регионалната кампања на Светската организација за здравствена заштита на животните - ОИЕ за подигнување на јавната свест за одговорно сопствеништво, како еден од основите за контрола на бездомните кучиња.

Станува збор за кампања која заедно со соседните држави Србија, Бугарија, Косово, Албанија, Хрватска и Црна Гора, Република Македонија ја почна во мај минатата година.

Претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство на децата ќе им објаснат како да бидат одговорни сопственици, да направат проценка дали се во можност да чуваат миленик, да се грижат за него, но и како безбедно да постапуваат со бездомните животни. Објаснети ќе бидат и основите на заштитата и благосостојбата на животните, а акцент ќе се стави на едукација за тоа како да се води сметка за сопственото и за здравјето на животните.

На децата ќе им бидат поделени едукативни боенки за одговорно сопствеништво, брошури, прашалници за потенцијалните одгледувачи на кучиња и постери.