Еднократна парична помош за 55 семејства во Општина Центар

Комисијата за социјална и здравстена заштита на Општина Центар одржа електронска седница за доделување на финансиска еднократна помош за социјално загрозени семејства и лица жители на Општина Центар кои имаат лоша здравствена состојба.

Овие финансиски средства се одобрени врз основа на пристигнати барања од страна на жителите на општината.

„Со цел надминување на проблемите со кои се соочуваат овие лица, 55 семејства со итна социјална и здравствена потреба ќе добијат еднократна финансиска помош од Општина Центар со вкупен износ од 555.000 денари“, изјави градоначалнкот Саша Богдановиќ.

Покрај овие вонредни мерки, Општина Центар во соработка со невладината организација „Банка за храна“ и Здружението за поддршка и развој „Хуманост“ се мобилизираа заради обезбедување помош и донација на семејства кои живеат во социјален ризик,нехумани услови и секојдневна борба со сиромаштијата. Мобилните тимови почитувајќи ги сите мерки на претпазливост и заштита од КОВИД 19, им доставуваат пакети прехранбени продукти, медикамементи и останати неопходни средства до нивните домови.

Помош и поддршка им се пружа на сите стари и изнемоштени лица над 60 години кои се жители на Општина Центар. За да не се изложуваат на дополнителна опасност и како најзагрозени и во најголем ризик од коронавирусот, мобилните тимови секојдневно се на терен за да им ја обезбедат потребна помош на овие лица.

Отворен е Јавниот повик за доделување субвенции за проектот „Сервис за стари лица“ за жителите на Центар кои се постари над 60 години.

„Би сакал да апелирам до сите хумани граѓани и општествено одговорни компании да се вклучат во хуманитарните акции и заеднички да им помогнеме на нашите сограѓани. Сите заинтересирани можат да ни се обратат на телефонскиот број 076 313 383“ – изјави градоначалникот.