Едно старо Скопје - наше и ваше...

Градот Скопје своите почетоци ги бележи уште во старата Римска империја кога под името Скупи се наоѓал на левата страна на р. Вардар. Градот се развил од легионарски логор во 13-11 год.п.н.е., во време на владеењето на Октавијан Август. Градот станал престолнина на провинцијата Дарданија, сe до неговото разурнување во катастрофалниот земјотрес во 518 г. Место него, се подигнал нов град, главно на територијата на денешно Скопје, кој во византискиот период бил нарекуван Јустинијана Прима, според својот жител, императорот Јустинијан,  роден во околината на Скопје.

По смртта на Јустинијан  и повеќегодишните напади на Словените врз градот, племето Берзити го зазело Скопје и засекогаш се населило во него. Следните неколку века, Скопје било постојано освојувано и ослободувано, а се менувала власта на Византијците, па на Србите, Бугарите.

Во 14 век Скопје станал втора царска престолнина на српскиот цар Душан. Во тој период градот  имал не само политичко туку и културно значење заради обновувањето и изградбата на многу цркви, манастири, болници и сл. Благодарејќи на својата географска положба, Скопје се издигнал како важен трговски и економски центар. Биле изградени анови во кои се одморале трговски каравани кои оделе сe повеќе во правец кон Скопје, отколку кон Запад. Градот  тргувал и со Византија-Солун и со Дубровник.

По заземањето на Скопје од страна на Турците во 1392 год. настапил период на стагнација и иселување на словенското население од него, а градот бил колонизиран со турско население. Градот претрпувал постојани растежи  и падови и  од природни катастрофи. Сепак, повеќе странски патеписци запишале  дека Скопје до 17 век пораснал во голем центар, трговски и економски, со жив безистен, караван-сарај, пазари, водовод, чаршија и преубава саат кула. Сета оваа убавина била уништена со опожарувувањето во 1689 год. од страна на австрискиот војсководец Пиколомини.

По повеќевековното стагнирање, во  19 век Скопје повторно се возобновува и развива.

Кон  средината на 19 век градот   повторно станува главен трговски центар на Повардарјето.

Во   развојот на градот посебна улога одиграла железничката линија Солун-Скопје-Косовска Митровица, изградена во 1873 год., а особено линијата Белград-Скопје-Солун од 1888 год. Тогаш Скопје станува железнички крстопат и добива непосредна врска со Белград и преку него со Средна и Западна Европа.

Со лоцирање на железничката станица на десната страна на реката Вардар, овој дел прераснува во средиште на градот и се развива во модерен европски град, додека на левата страна на реката Вардар  останува чаршијата како старо јадро на Скопје.

На 13.10.1912 год., по 520 год. турско ропство, Скопје го заземаат српските војски и воспоставуваат своја окупациона власт која ќе трае сe до Втората светска војна, со единствен прекин од 1914 до 1918 год. кога за време на  Првата светска војна градот бил окупиран од германски, австриски и бугарски војски. По Првата светска војна Скопје станало главен стопански центар на целата моравско-вардарска област.

До почетокот на ХХ век градот   се наоѓал на левата страна на реката Вардар и по текот на реката Серава. По изградбата на железничката станица од десната страна на р. Вардар, градот Скопје се шири кон неа сe до подножјето на Водно, односно кон Каршијакот. Тој дел постепено станувал средиште на градот и се развивал во модерен европски град, додека левата страна сe повеќе добивала карактеристики на вистински турски-источен град.

Иако градот Скопје не бил секогаш главен трговски центар, тој со својата географска поставеност долго време бил главна точка каде што се судирале патиштата кои воделе низ средиштето на Балканскиот Полуостров. Така на пример, низ Скопје минувале главните комуникациски линии од Приморјето до Цариград, од Белград до Солун, потоа од Скопје до Сараево, т.н. “Босански пат”, Скопје-Солун, Скопје-Ниш итн. Покрај овие, постоеле и локални патишта, “Кумановски” од Скопје до Куманово, “Тетовски” од Скопје до Тетово, “Штипски” од Скопје до Штип итн. Географската положба на градот  Скопје имале огромен удел во неговиот историски развој.