Едно цело езеро пивка вода сме изгубиле низ дупнатите цевки на Водовод

Во Извештајот на Водовод за 2018 година се наведува дека дури една третина од пивката вода која влегла во водоводните цевки истекла некаде по патот. Тоа не е вода која е ненаплатена (украдена) од диви приклучоци или потрошена за наводнување на зеленило или слично. Станува збор за дури 34.158.252 кубни метри кои завршиле во земја или тоа се вкупно 13.665 олимписки базени кои ако би се наредиле еден до друг, би ја наполниле скопската котлина како едно езеро 

Скопјани ја имаат привилегијата да пијат најчиста вода во Европа, благодарение на издашноста на изворот Рашче. Според Извештајот на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ за 2018 година, вкупното годишно производство на вода изнесувало 103.670.229 кубни метри. Ако се има предвид дека еден олимписки базен со стандардни димензии се полни со 2.500 кубици вода, тогаш произлегува дека сo произведената вода во 2018 година, би можеле да се наполнат 41.468 базени.

И се ова би било во ред, ако се погледнат бројките во Извештајот кои покажуваат колку вода која влегла во водоводните цевки, некаде се изгубила поради разни причини, поточно не била фактурирана од службите на „Водовод и канализација“. Имено, во Извештајот стои дека за потребите на скопските домаќинства и за стопанските капацитети биле фактурирани 38.428.242 кубни метри вода, што е 37,7 проценти од вкупното годишно производство.

А каде отишле тогаш останатите количини води? Во Извештајот се наведува дека дури една третина од пивката вода која влегла во водоводните цевки истекла некаде по патот. Тоа не е вода која е ненаплатена (украдена) од диви приклучоци или потрошена за наводнување на зеленило или слично. Станува збор за дури 34.158.252 кубни метри кои завршиле во земја или тоа се вкупно 13.665 олимписки базени кои ако би се наредиле еден до друг, би ја наполниле скопската котлина како едно езеро.

– Прифатлива загуба во еден водоводен систем е до 20 проценти и дека се што е над тоа е премногу. Теренските мерења во 2018 година од страна на Службата за откривање на дефекти, кои вршеа мерења на минималниот ноќен проток на неколку стратешки локации низ мрежата помогнаа во подобрување на точноста на компонентите на водниот биланс. Големината на пресметаните физички загуби е голем предизвик да се продолжи со намалување на истите – се вели во Извештајот.

Водата од Рашче е природен ресурс кој во иднина може да го имаме се помалку, оттука и обврските на службите во водоводното претпријатие се поголеми водата, која ни е дар од Бога, да не ја губиме неповратно.