Една улица со три имиња: „Ни самата, веќе не знам на која адреса живеам“

Личната карта на Емилија е на улицата „Иво Рибар Лола“ и на таа адреса добива и препорачани писма. Но, Емилија, според пасошот живее на „Митрополит Теодосиј Гологанов“.

Ни самата, како што вели на шега, веќе не знае на која улица живее. Првичното име на улицата „Иво Рибар Лола“ во период од десет години е менувано два пати. Истата улица се викаше „Митрополит Теодосиј Гологанов“, а сега е „Војвода Васил Чакаларов“. 

Оваа скопјанка последната збунувачка ситуација ја доживеала пред неколку дена. Очекувала препорачана пратка од странство, но не ја добила. Разбрала дека пратката се вратила назад со образложение дека адресата е непозната. 

-Во истата куќа моето семејство живее повеќе од пет децении, но проблемите со доставата на пратки и сметки ги имаме во последните 10 години. Во тој период името на улицата се менуваше двапати. За промените ниту еден од жителите не беше известен, а информации добивавме од медиумите. На истиот начин бевме информирани дека не треба да менуваме лични документи заради промената на името, туку да почекаме да истече трајноста на документите, па да побараме нова адреса, ни објасни Емилија.

Воедно и жителите на Козле велат дека постојат неколку улици што го носат името Јуриј Гагарин поради што често има грешки во испораката на поштата. 

- Живем во Козле на улицата Јуриј Гагарин.Кога се враќам со такси имам чести недоразбирање со возачите бидејќи има неколку улици со истото име. Па морам да им објаснува каде точно е улицата и кој број е, вели Никола.У. жител од Козле.

Повеќето од приградските населби немаат имиња на улиците. На пример во населбите Визбегово и Волково улиците се обележани само со бројки.