Една улица со три имиња, едно име на три улици

Личната карта на Александра е на улицата „Иво Рибар Лола“ и на таа адреса добива и препорачани писма. Но, Александра, според пасошот живее на „Митрополит Теодосиј Гологанов“.

Ни самата, како што вели на шега, веќе не знае на која улица живее. Првичното име на улицата „Иво Рибар Лола“ во период од десет години е менувано два пати. Истата улица се викаше „Митрополит Теодосиј Гологанов“, а сега е „Војвода Васил Чакаларов“. 

Оваа скопјанка последната збунувачка ситуација ја доживеала пред десетина дена. Очекувала препорачана пратка од странство, но не ја добила. Разбрала дека пратката се вратила назад со образложение дека адресата е непозната. 

„Во истата куќа моето семејство живее повеќе од пет децении, но проблемите со доставата на пратки и сметки ги имаме во последните 10 години. Во тој период името на улицата се менуваше двапати. За промените ниту еден од жителите не беше известен, а информации добивавме од медиумите. На истиот начин бевме информирани дека не треба да менуваме лични документи заради промената на името, туку да почекаме да истече трајноста на документите, па да побараме нова адреса“, ни објасни Александра.

Воедно и жителите на Козле велат дека постојат неколку улици што го носат името Јуриј Гагарин поради што често има грешки во испораката на поштата. 

- Живем во Козле на улицата Јуриј Гагарин. Кога се враќам со такси имам чести недоразбирање со возачите бидејќи има неколку улици со истото име. Па морам да им објаснува каде точно е улицата и кој број е - вели Никола.У. жител од Козле.

Повеќето од приградските населби немаат имиња на улиците. На пример во населбите Визбегово и Волково улиците се обележани само со бројки.

Покрај жителите мака мачат и скопските таксисти.Лупчо.А кој вози такси повеќе од 10 години вели дека неколку пати се случила забуна околу имињата на новите улици. 

Според информациите од градските власти, промени на имињата на улиците не мора да бидат извршени веднаш во личните документи, туку кога ќе се продолжува важноста, на пример, на личната карта. 

- Сите промени се прават во долга постапка, во согласност со утврдени законски постапки, односно според Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, како и добиени согласности од општините и Владата на Република Македонија. Досега е донесена одлука со која се именувани повеќе од триесетина улици, неколку плоштади и мостови, а доколку има иницијатива за нови именувања ќе се постапи во согласност со законот - велат од градот.

Агенцијата за катастар на Македонија почна со воспоставување нов Адресен регистар за целата територија на државата. Притоа со компанијата „ГДи Гисдата“ - Скопје потпиша договор за пилот-проект „Припрема на податоци и развој на апликации за теренско прибирање на адресни податоци“ за четири општини во државава. Теренското прибирање на адресни податоци ќе се направи во дел од општината Кисела Вода, во општините Зелениково, Свети Николе и Гостивар.