Една поинаква 2017 година во спортот која сите ќе сакаме некогаш да се повтори

Со златни букви во македонската ракометна и спортска историја ќе остане запишана 2017 година, годината во која Вардар стигна до врвот на Европа, годината во која ракометарите на Вардар дојдоа до неколку индивидуални награди, а на Македонија во сеќавање секогаш ќе и остане првиот јунски викенд од оваа година, датумите трети и четврти јуни.

Ракометарите на Вардар со победнички, со победа од 30:24 на гостувањето кај Горење ја завршија најуспешната година во својата историја, исто како и што ја почнаа во февруари со победа над хрватски Нексе. Ваква година за скопскиот великан не можеше и не смееше да заврши поинаку.

Вардарци во оваа 2017 година донесоа голем број успеси и радости за целата држава, освоени четири трофеи, освоен беше домашниот куп и првенството, што секако беше очекувано. Но, освоени беа и уште два трофеи што секако донесоа голема радост и делириум во спортската јавност во Македонија, а ракометна Европа слушна за Македонија и Вардар, за најдобрата ракометна публика на овој континент.

Се започна во Вараждин, каде на 9 април на Ф-4 турнирот од Сеха Газпром лигата, Вардар со 26:21 го победи Веспрем и стигна до третиот трофеј во лигата, прв откако Веспрем беше дел од таа лига, тим кој претходните две години беше освојувач, а во финалето беше поразен од нашиот шампион.

А по освојувањето на Сеха лигата, за Вардар почнува вистинската приказна, влезот на вардаровите ракометари во историјата, влезот во легендите на македонските спорт, во четвртфиналето од Лигата на шампионите противник на Вардар беше германски Фленсбург, кој претходно на Вардар му скрати шансата да игра на Ф-4 турнирот, откако го исфрли скопскиот клуб со поради повеќе голови постигнати во гости и тоа со гол од пенал во последната секунда.

Сепак, вардарци ја дочекаа шансата за одмазда, на реваншот во Јане Сандански, победен беше Фленсбург со 35:27 и со вкупни 10 разлика Вардар ја чекираше својата карта за Келн.

Додека траеше радоста на фановите на Вардар и воопшто спортот во Македонија, вардарци тивко и без многу помпа во јавноста и медиумите се подготвуваше за својот пат во Келн, каде во конкуренција на три тима со искуство од вакво турнири, ракометниот дрим тим, најбогатиот тим во Европа ПСЖ, славната Барселона и желниот конечно за трофејот Веспрем, на Вардар не му се даваа големи шанси за трофејот, НО…

Вардарци не размислуваа како оние кои не веруваа во нив, тие отидоа уверени дека можат да се вратат како победници и беа во право. Се започна со мечот со Барселона. Во полуфиналето Вардар ја победи Барселона и тоа на каков начин, со гол во последните за 26:25, голот со кој Циндриќ стана херој на македонската спортска публика, гол кој беше прогласен за најдобар гол на годината.

Само еден ден подоцна на четврти јуни следеше историскиот дуел, финалето на Лигата на шампионите против ПСЖ и таму вардарци ги чекаа последните мигови за да израдуваат своите фанови, херојот тој ден беше уште еден хрват, тоа беше десното крило Иван Чупиќ, кој постигна гол за 24:23 и донесе и ја запиша историјата на македонскиот машки ракомет, а самиот себе се запиша во најсветлите страни и македонската спортска историја.

А после овој историски успех, како што заслужуваат најдобрите имаше грандиозен дочек, голем број на граѓани ги пречекаа вардарци на аеродромот, голем број граѓани ги поздравија по улиците додека автобусот одеше до плоштадот, а најграндиозно беше токму на плоштадот каде илјадници илјадници граѓани ги пречекаа хероите.