ЕДНА НЕДЕЛА ПО ДВОЈНОТО УБИСТВO: Крвави траги и пломба на вратата на манувачницата во Кисела Вода

Пломбирана врата од надвор и траги од крв во внатрешноста на објектот. Ваква е сликата во менувачницата „Македонија“ во скопската населба Кисела Вода, во која сопственикот откако беше нападнат, со пиштол смртоносно застрела двајцата разбојници. Една недела по настанот останати се крвавите траги кои стојат како доказ на светлите плочки од подот. Во менувачницата на исто место останале саксиите со цвеќе, дигитронот, чашката со пенкала и останатите детали кои беа секојдневие во ова место, пренесува Мкд.мк.

Наместо да заминат со богат плен, како што најверојатно планирале, двајцата разбојници во понеделникот од објектот беа изнесени мртви, на носилки покриени со бели чаршафи. Од тука нивните тела по наредба на надлежен јавен обвинител, беа однесени во Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје. Обдукцијата е завршена, а наодот и анализите треба да дадат одговор на прашањата кои им се потребни на надлежните за да докажат што навистина се случило. Во оваа постапка клучен доказ ќе биде и снимката од безбедносните камери кои биле поставени во објектот. Обвинителството по завршување на истрагата ќе треба да донесе одлука за случајот.

Едниот разбојник кој беше убиен е идентификуван како Димитар Блажевски, роден 1985 година, од скопската населба Бардовци. Тој бил бегалец од затворот во Идризово и имал дебело криминално досие. На идентификацијата на другиот се уште се работи.

Двајцата влегоа и нападнаа еден, а тој успеа да ги совлада и како што првично соопшти МВР, за да си го заштити својот живот, ги уби двајцата.

МВР веднаш по настанот излезе со соопштение дека сопственикот на менувачницата, Г.А. (58) убил двајца откако тие го нападнале.

Како што и претходно објавивме, според нашите информации разбојниците го удриле сопственикот на менувачницата со кундак по глава, и откако паднал на подот, тој успеал да стане и свесно да им се спротивстави пукајќи во нив. Двајцата починале на лице место од огнострелни повреди. 

По настанот на лице место излегоа увидни екипи кои неколку часа собираа докази од местото на настанот. Кога ќе бидат собрани сите потребни извештаи, вештачења, анализи, обвинителството ќе треба да донесе одлука за овој случај.

До тогаш сопственикот на менувачницата е пуштен да се опоравува дома. Тој по здобиените тешки повреди на главата, по лекарската интервенција беше пуштен на домашно лекување. Во овој бизнис Г.А. е активен околу 20 години.