Еден убиен, двајца тешко повредени во престрелка на „Рузвелтова“

Фото: СДК.мк

Еден е убиен, а двајца се тешко повредени, ножеска по 1 часот по полноќ на улицата „Рузвелтова“ во центарот на Скопје, кога од автомобил во движење непознати лица со рафали пукале во друг автомобил. Медиумите кои биле на самото место објавија дека имало чаури од повеќе од 30 куршуми.

Според верзиите што ги објавија медиумите, на убиството претходела бркотница на двата автомобили. Таа наводно започнала по семафорите на крстосницата со „Партизанска“, по што продолжила до наредната крстосница со „Орце Николов“, на 300 метри оддалеченост. Таму, изрешетаното возило преминало во спротивната лента и се судрило прво со едно возило кое случајно поминувало, а потоа и со друго паркирано возило пред кафулињата кои се наоѓаат во близина.

Вооружената пресметка се случила во непосредна близина на објекјтот на СЈО, пред кафулето „Галери“, во период на голема фреквенција на луѓе.

Телото на загинатиот и повредените биле пренесени во Ургентен центар, а нивниот идентитет се уште не е познат.

„Рузвелтова“,  од „Партизанска“ до „Орце Николов“, како и помалите споредни улички кон населбата Карпош 1 беа затворени.

Детали за ова се очекува МВР да соопшти денеска.