Ѕвездите ќе пеат за 80-тиот роденден на Александар Џамбазов

На 14 април, во домот на АРМ во Скопје, ќе се одржи славенички концерт по повод 80-годишнината од раѓањето на Александар Џамбазов.

Во чест на реномираниот диригент и композитор на иста сцена ќе пеат Наде Талевска, Сашо Гигов-Гиш, Александар Тарабунов, Игор Митровиќ, Биба Додева и Андријана Јаневска. Популарните изведувачи ќе бидат придружувани од Македонска филхармонија под диригентската палка на Саша Николовски-Ѓумар, а како солист на пијано ќе се претстави Дино Имери.

Во рамките на настанот ќе се одржи и доделувањето на наградите СОKОМ (Сојузот на композиторите на Македонија). Организаторот најавува емотивно музичко доживување со најдобрите рефрени на Џамбазов, а водител на шоуто ќе биде неговиот син Игор.

Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина. Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар. Неговиот творечки опус е многу богат.Автор е на голем број детски песни како иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот „Златно славејче“.

Пишувал сценска и филмска музика и повеќе дела од класичната музика. Kомпонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии. Добитник е на педесетина стручни награди.