Џепчиите ги има секој ден во ЈСП - паричници и телефони се крадат од чантите на патниците

Секојдневно паричници и телефони се крадат од чантите на патниците во автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници.

Но, најмногу пријави во полициските станици во Скопје има во вторник и во петок, кога поради бесплатниот превоз за пензионери, автобусите се преполни. Крадците ја користат гужвата и незабележливо од чантите на патниците крадат паричници, телефони и други вредни предмети.

Камери се поставени во 50 двокатни автобуси и од нив 70 отсто се во функција.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека не знаат колку кражби во автобус се пријавени досега, бидејќи во Кривичниот законик не било регулирано кривично дело ситна кражба, туку постои дело кражба. Ниту пак во официјалната статистика што ја прават имаат посебни категории за кражба во автобус или на улици и во парк, туку сите пријави од граѓани било да е во дом, автомобил, автобус се регистрираат под кривично дело кражба.