Џабе се подземни и надземен премини, кога по булеварите се претрчува по 100 пати дневно

Пензионери, пазарџии, студенти и сите останати кои се движат кај скопски Бит-пазар секојдневно го преминуваат булеварот кој како ќе се снајде, но ретко по пропис. И покрај тоа што ова е една од ретките сообраќајници која има надземен пешачки премин, се чини дека ретко кој го користи.

Возачите оваа сообраќајница ја лоцираат како една од најпроблематичните во градот, на која треба најмногу да се внимава на пешаци. Групи студенти кои се движат кон комплексот факултети, натоварени граѓани кои само што купиле продукти од пазарот или дистрибутери кои носат стока на пазарот, сите скоро секој ден набрзина сакаат да ја преминат улицата без да чекаат зелено светло за пешаци и не се двоумат дали да претрчаат на само некој метар од возилата кои се движат.

Како што раскажуваат возачите кои секојдневно се движат по оваа сообраќајница, таа е најпресекувана од пешаци во целиот град, а освен тоа што се претрчува редовно преку сообраќајните ленти и се прескокнува зеленилото, се случува и пешаците сами да се пуштат во група да ја преминат улицата како да е зелено за нив, а не е така.

- Тука покрај Бит-пазар секогаш возам полека и највнимателно што можам, затоа што на оваа улица како да не важат сообраќајните правила. Пешаците воопшто не се двоумат дали да ми се испречат пред возилото и да преминат улица, а неретко се пренесуваат и товари или пакети стока за пазарот, вели Сашо.Г, жител на населбата Бутел.

Додека на булеварот се случува хаос од пешаци, возила и автобуси, само неколку метри повисоко надземниот пешачки премин кај Бит-пазар зјае празен.

Слична е и сликата со подземниот премин на булеварот "Александар Македонски" во населбата Автокоманда, во близина на средното училиште АСУЦ "Боро Петрушевски". Жителите на оваа населба и средношколците се уште претрчуваат преку булеварот, одбегнувајќи да го користат подземниот премин.

 -Имаме подземен премин, но претрчуваме преку булевар и животите секојдневно си ги ставаме во опасност. Исто така и средношколците го претрчуваат булеварот за да стигнат на училиште или, пак, за да си одат. Тука автомобилите возат многу побрзо бидејќи се на излез од Скопје, воопшто не е безбедно, а пред неколку години мој пријател загина тука обидувајќи се да го помине булеварот, вели Ана.Б. 

Со претрчувањето на булевар на места каде што нема обележан пешачки премин, граѓаните кои прават прекршок ризикуваат да бидат казнети доколку на лице место се најде службено лице.Инаку, за преминување улица на црвено светло казната изнесува 35 евра, а за преминување надвор од пешачки премин 25 евра.