Две лица под истрага за разбојништво во спортска обложувалница во Скопје

 Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – разбојништво на 9 октомври во спортска обложувалница во Скопје.

-Осомничените, по претходен договор, на 9 октомври влегле во објект на спортска обложувалница на улица „Зеничка“ во Скопје и се заканиле дека ќе нападнат врз животот на една вработена. Едниот осомничен, со пиштол во раката, побарал од оштетената да каже каде се парите и ја турнал до ѕидот, додека другиот осомничен се упатил кон работниот пулт и од една од фиоките одзел 188.460 денари, соопшти Јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител оценил дека за едниот осомничен постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, како и основан страв дека тој би можел да го повтори делото или да ги сокрие и уништи трагите од кривичното дело. Од тие причини јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил и Предлог за определување мерка притвор за тој осомничен. Вториот осомничен до овој момент не е обезбеден од страна на полицијата и за него е распишан централен распис.