Двајца кандидати во игра за нов министер за здравство

Алијансата за Албаниците на Зијадин Села ги разгледува имињата на кандидатите за министер за здравство кои ќе го преземат местото на Арбен Таравари, кој е избран за градоначалник на Гостивар.

Партиски извори за порталот "Независен“ нагласуваат дека двајца кандидати се во игра за министер за здравство - Асим Изаири, уролог вработен во Клиничкот центар Тетово и Вулнет Ферати , исто така кадар специјалист од Тетово.

Од оваа партија истакнуваат дека засега не можат да го објават името на кандидатот за министер, бидејќи се разгледуваат неколку предложени кандидати.

"Ние сме заинтересирани парламентарното мнозинство што е можно побргу да ги пополни местата во владата. Целосното функционирање на Владата би било во интерес на реформите. Оној момент кога ќе го свикаат Собранието, ние ќе го имаме нашиот предлог за министер кој ќе добие зелено светло од Централниот комитет“, вели портпаролот на Алијансата, Флакрон Беџети.

Премиерот Зоран Заев и Зијадин Села во текот на оваа недела се согласија да ја продолжат соработката во владејачката коалиција и Алијансата да предложи кандидат за министер за здравство за да се комплетира владиниот кабинетот.