Државата троши милиони евра за бизнис кој ја уништува младината во Македонија

Вкупно 14 милиони евра потрошила државната видеолотарија за набавка видеолотарски терминали во последниве две години.  Двата договори се склучени за период од две години, односно државата апаратите ги зема на заем. 

Дополнителни 200 илјади евра потрошило ова државно претпријатие за осигурителни услуги во изминатите две години. Осигурителните услуги се однесуваат за видеолотариските апарати кои претходно се набавени.  

Трет договор во вредност од 767 илјади склучила државната видеолотарија за телекомуникациско поврзување на продажните места за период од две години. Со ова вкупните трошоци надминуваат повеќе од 15 милиони евра.  Тоа се државни пари кои државата ги има дадено за обезбедување на граѓаните услови за коцкање.

Сите овие податоци се јавно објавени и се дел од електронскиот систем за јавни набавки. 

Изминатиот период во јавноста се отвори дебата за оправданоста на последната набавка која изнесуваше приближно 6 милиони евра, но се чини дека јавноста не беше запознаена со ваквите или слични бројки кои ова јавно претпријатие ги прокжнило на ставката трошоци во изминатиот период.

Помеѓу финансискиот и моралниот аспект

Дилемата која сеуште кружи во јавноста е дали државата троши милионски суми за бизнис кои сеуште се смета за порок во јавноста. Дали државата поттикнува коцкање и обложување и каква порака со тоа се праќа на јавноста.

Заедно со брзиот начин на живот рамо до рамо се движи и порастот на зависници. Кога ќе се спомене зависници, најчесто ни паѓа на памет зависници од дрога, алкохол, тренд зависноста од интернет, а да не зборуваме за зависност од никотин, а каде е коцката? Идејата да се профитира на човечката пасија  да се испроба среќата не е нешто ново, но нова е енормната распространетост на коцката која не бира возраст и пол.

Да , навистина коцкањето не влијае физиолошки на човекот (иако многу често коцкарите конзумираат алкохол или дрога ), сепак запоставен е тој психолошки момент кој може да доведе до целосна дезитеграција на личноста.

Помислата на лесни и брзи пари може да ги привлече кон игрите на среќа, но вистинскиот проблем се јавува дури подоцна, кога страста и адреналинот целосно го совладуваат човекот.

Албанија ги затвори обложувалниците

Годинава во Албанија се донесе закон со кој се затворени 4.300 обложувалници во таа земја. Коцката е дозволена само во елитни хотели со пет ѕвездички и тоа само ако се наоѓаат надвор од урбани подрачја. Коцкањето во Албанија беше голем проблем бидејќи во оваа земја со 2,8 милиони жители имало по една кладилница на 670 жители.

Индустрија која сериозно го полни државниот буџет

Од игри на среќа во републичкиот и во општинските буџети лани се слеале 253 милиони евра. Оваа економска гранка учествува со 4 проценти во БДП, таа има 7.700 вработени, а поддржува скоро 54.000 работни места во други гранки. Заедно со семејствата, околу 216.000 луѓе во земјава живеат од оваа стопанска гранка, ова го изнесе пред извесно време асоцијацијата на обложувалници.