Другарке, извини што родив дете

Драга моја,

Извини што не сум ти интересна повеќе, иако сѐ уште сум истата личност.

Извини што и натаму очекувам нашето пријателство да постои и трае. Извини што имам малку поинаков распоред и мало суштество за кое се грижам, а сепак ти се јавувам да те прашам како си, за разлика од тебе. Извини што и натаму чекам да ми се јавиш и да дојдеш, а знам дека нема да го направиш тоа, затоа што ние мајките не сме интересни повеќе.

Извини што ми беше потребна во бременоста и оние први денови кога бев сама со бебето и чекав да ми се јавиш и да ме прашаш како сум. Извини што не знам што ти се случува во животот и што го помнам само дечкото кој го имаше пред да останам трудна... бидејќи после тоа ти ништо не споделуваше со мене. Извини што мојата приказна за летувањето не е толку интересна како твојата. Извини што ноќните излегувања повеќе не ми се во прв план и што мојот маж е мојата единствена љубов.

Извини што родив дете и со тоа допринесов нашето пријателство да исчезне. Навистина не ми беше тоа намерата. Мислев дека само нешто навистина ужасно би можело да не раздвои. Ако можеш, прости ми и дојди на едно кафе. Дојди, па ако нема да ти пречи тоа што моето дете на моменти ќе го прекине нашиот разговор, јас сепак ќе ти кажам колку ми недостасуваш. Ако се осудиш да ми простиш, ќе дознаеш дека навистина сум заинтересирана за сите аспекти од твојот живот и дека пелените, кашичките и останатите бебешки теми се последните теми за кои сакам да разговараме.

Дојди за да се присетиме на минатите денови, да се смееме, да се тешиме, да плачеме... да се прегрнеме и повторно да бидеме пријателки. Секако, ако можеш да пронајдеш време и да ме вклопиш некаде помеѓу дечкото, излегувања и дружењето со оние од другиот свет, светот без деца.

Ако мислиш дека сѐ ќе биде исто кога и ти ќе родиш дете, се лажеш... Засекогаш ќе остане оваа далечина меѓу нас. Простор во кој ниту јас ќе знам нешто за твојот живот, ниту ти за мојот.

Затоа, ако можеш, прости ми и дојди на кафе... Ќе се израдувам јас, а ќе се израдува и моето дете.

На оваа мајка навистина ѝ недостигаш.

Те сака,

Твојата (се надевам сѐ уште) другарка