Драгана Каловска: Од секогаш сум ја почитувала македонската историја и комитите кои ги дале животите за слободна Македонија

Драгана Каловска: Од секогаш сум ја почитувала македонската историја и комитите кои ги дале животите за слободна Македонија

„Илинденскиот марш 2017“ ќе стартува денес во 17:30 часот од паркот Јане Сандански во Општина Аеродром, која е традиционално покровител на овој Коњички марш, а ќе заврши на втори август во Крушево, каде што треба да се приклучат на прославата на најголемиот македонски национален празник – Илинден. Во денешното интервју разговараме со Драгана Каловска - единствената дама помеѓу коњаниците.

Скопјеинфо: Илинденскиот марш е најголемата и најзначајната културна манифестација во Аеродром која ја организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“,колку учесници имаа оваа година и на колкава возраст се?

Драгана Каловска: Оваа година на Илинденскиот марш  ќе учествуваат 20 учесници коњаници,  на возраст од 18 години до 65 години.

Скопјеинфо:  Која е овогодинешната маршута и кој ден поаѓате?

Драгана Каловска: Како и секоја година коњаницата тргнува од цркавата „Св. Петар и Павле“ од Горно Лисиче, општина Аеродром,  на 27.07.2017 (четврток ).Ќ е се јава од Долно Лисиче преку општина Петровец, општина Велес, с. Теово, с. Ропотово и Крушево.Оваа година пред Крушево ќе ни се приклучат коњаниците од  Маврово-Горна река, Кичево-Демир Хисар, и пешадијата од Охрид.

Скопјеинфо:  Како се одвива еден тренинг?

Драгана Каловска: Пред почетокот на манифестацијата имаме секојдневни интензивни тренинзи  по кејот на Вардар, Пинтија, Драчево и Лисиче. Секој тренинг е различен и има различна маршута во принцип секогаш започнуваме од исто место каде коњите се загреваат од прилика половина час . Понатаму се продолжува по дневната рута која може да биде јавање по асфалт, по земјен пат, јавање по ниви, вежбање на коњите преку искачување и симнување  по стрмни места, преминување река итн. Во суштина се исцрпуваат вежби за теренот кои не очекува на маршутата до Крушево.

Скопјеинфо: Дали учесниците треба да имаат предходни физички подготовки?

Драгана Каловска:  Добро е учесниците да се физички подготвени со тоа само ќе си го олеснат патувањето, но она што е најважно е да имаат желба да го издржат патот, затоа што честа е голема да се стигне во Крушево на поклонување пред споменикот на Илинденците.

Скопјеинфо:  Кој ќе ја предводи коњаницата кон Крушево, каде што ќе се прослави најголемиот македонски национален празник – Илинден?

Драгана Каловска:  Оваа година коњаницата ќе ја предводи војводата Игор Папарусовски долгогодишен учесник на Илинденскиот марш.

Скопјеинфо: Меѓу коњаниците се наоѓа и една девојка, од каде дојде идејата, мотивот, желба да бидеш дел од Илинденскиот марш?

Драгана Каловска:  Желбата за да бидам дел од Илинденскиот марш ја имав одамна, но се до сега не се чуствував подготвена да го прифатам тој предизвик. Од секогаш сум била голем почитувач на македонската историја и традиција, со неизмерна почит кон комитите кои си ги дале животите за слободна Македонија и нивните заложби кон таа цел. Сметам  дека секој Македонец  кој го почитува истото, треба  да даде свој допринос на некаков начин да го оддржи во спомен направеното, за да не се заборави борбата за Македонија и она што тие луѓе го направиле. Во суштина тоа е мојата мотивација да го издржам овој предизвик.

Скопјеинфо: Како е да се биде единствено женско покрај толку момци, дали имаат толеранција, како се справуваш со тренинзите?

Драгана Каловска:  Кога отидов на првиот состанок во здружението имаше околу  четириесетина  мажи,  малку би беше чудно и непријатно, веројатно се плашев дали ќе ме прифатат момците што ќе јаваат како дел од нив, затоа што и најголемиот дел се познаат меѓусебно. На тренинзите имав прилика да се запознаам со сите, момците се внимателни, имаат толеранција кон мене постојано ме прашуваат дали сум добра и дали ми треба нешто. Ме подучуваат постојано за оние работи во врска со јавањето и коњите кои не ги знам или можам да ги подобрам. Тренинзите се напорни најмногу затоа што се јава на оваа температура и затоа што треба навистина физичка подготвеност, концентрација и внимателност при јавањето.

Скопјеинфо: Дали си подготвена за овој предизвик, и дали прв пат учестуваш на ваков тип на манифестација?

Драгана Каловска: Прв пат учествувам на ваков тип на манифестација. Сум јавала многу пати како помала, но ова е сосема нешто друго. Со оглед на тоа што почнав да вежбам месец и половина пред останатите сметам дека сум подготвена. Има многу спремни момци па ќе биде навистина голем предизвик да се носам со нив во поглед на издржливоста. Се надевам дека се ќе помине во најдобар ред и безбедно ќе стигнеме во Крушево.