Драган Спасов-Дац најави казни за актерите што не ја одиграа претстава

Ќе има санкции против актерите што ја откажаа вчерашната претстава „Ничија земја“, затоа што театарот постои за публиката, а вчера вративме полна сала, изјави директорот на Македонскиот народен театар Драган Спасов Дац.

- На мое инсистирање да се игра претставата не ме послушаа и ја одложија. Се собравме и разговаравме. Тие дадоа изјава и таа ќе биде јавна. Реков дека сите до еден ќе бидат санкционирани со казна, што е нормално за вакви работи - изјави Дац.

Според него, во ред е да актерите да се солидаризираат со колега, но тоа да не се одрази врз публиката.

- Во ред е да се солидаризираш со некој актер, но нека се солидаризираат денеска, да излезат надвор и да направат нешто, а не да вратат 600 луѓе публика - рече тој.

Актерската екипа на театарската претстава „Ничија земја“ ја откажа вчерашната претстава во знак на солидарност со колегата Владо Јовановски, кому Кривичниот суд вчера попладне му одреди 30-дневен притвор за настаните во Собранието од 27 април.