Драга стара пријателке, ми недостасуваш...

Драга стара пријателке,

Помина многу време откако последен пат слушнав некој збор од тебе. Само сакав да ти кажам... ми недостасуваш.

Животот се испречи помеѓу нас и изгледа се разделивме токму поради тоа. Ти избра еден пат, додека пак јас избрав друг пат. Мислам дека и на двете ни оди добро. Покрај се, јас сакам да го живееш својот живот, сакам да бидеш успешна во се што правиш. Покрај се, така треба да се чувствуваат вистинските пријатели, нели?

Кога бевме помлади, мислев дека засекогаш ќе бидеме другарки. Имавме толку цврста поврзаност и мислев дека нашето другарство е нескршливо. Сега речиси и воопшто не разговараме. Те немам видено со месеци, а кога ќе се случи да те видам, се чувствувам како да зборувам со странец. Никогаш не помислив дека една од моите најдобри другарки ќе стане странец за мене. Порано се гледавме речиси секој ден и знаев се што ти се случува во животот. Сега поим немам ни што правиш. Не сакам да мислам на тоа, затоа што ми нема логика. Сфаќам дека луѓето се разделуваат, но никогаш нема во потполност да го прифатам фактот дека ние се разделивме.

Понекогаш дури се запрашувам дали го земав нашето пријателство здраво за готово. Се прашувам дали вложив доволно време и труд. Како да очекувам да ти бидам приоритет, ако и ти не си ми приоритет на мене? Не можам.

Често мислам на тебе. Понекогаш, кога ќе чујам некоја песна или ќе видам стара слика кои ме потсеќаат на нашето другарство. Моите омилени спомени досега најчесто те вклучувале и тебе, па како би можела да заборавам на тебе?

Се грижам за тебе. Се грижам дека си болна или во опасност и дека немам начин да ти помогнам. Се грижам дека понекогаш се чувствуваш осамено и тажно и немаш кому да се довериш. Се грижам за тебе затоа што и покрај се, се уште те сметам за блиска пријателка.

Посакувам да ми пратиш порака, да ми се јавиш или да ми искоментираш нешто на некоја од моите социјални мрежи. Само за да знам дека мислиш на мене. Се надевам дека и јас ти недостасувам. Се надевам дека еден ден повторно ќе се поврземе и дека ќе надоместиме за загубеното време. Тоа би ми значело повеќе од се друго на светов.

Ако никогаш повторно не се поврземе, тоа е сосема во ред. Секако дека ќе бидам тажна, но секогаш ќе бидам благодарна за прекрасните спомени со тебе. Ти ми помогна да станам личноста која сум денес, а и за тоа сум многу благодарна. Мислам дека никогаш нема да ти се оддолжам за се што направи за мене.

Знам дека ќе постигнеш многу во животот. Ќе бидеш најдобра во се што ќе одлучиш да правиш. Ти ја посакувам сета среќа на овој свет, затоа што ја заслужуваш.

Со љубов,

Твојата стара пријателка