Драга и завршена 2017 година...

Драга и завршена 2017 година,

Ти го пишувам ова, иако знам дека не гледаш. Нормално дека не гледаш, немаш очи. А немаш ни уши, па не можеш ни да слушаш, ниту да чуеш. Нема врска.

Има многу луѓе кои имаат и уши и очи, па сеедно не слушаат кога им зборуваме, не нѐ гледаат ниту нас, ниту самите себе.

Беше некако поинаква. Не мислам на деновите. Денови има колкушто има. Некако чувството е такво. До мене е, не си ти виновна. Многу работи ми се случија додека ти владееше. Само добри работи. Затоа што јас така велам. Имаше и болка, но сето тоа пројде.

Имав физичка повреда и првпат почувствував анестезија, првпат вкусив таква болка, но од сето тоа излезе нешто добро.

Додека ти владееше, 2017 годино, сфатив дека луѓето можат да бидат тешки кретени и дека психопатологијата може лесно да се прикрива. Годино што си зад мене, додека траеше почнав да соработувам со некои супер луѓе, да се чувствувам корисно и да го вклучувам мозокот да почне да работи.

Додека траеше, открив неколку свои способности и таленти и по нив ќе те помнам. Убаво е кога на 33 години ќе сфатиш дека можеш да создаваш нешто со твоите раце. Не патував многу, тоа го оставив за твојата наследничка која пристигна пред некое време и на која наредната година ќе и пишувам вакво писмо.

Додека траеше открив колку можам. Покажав сама на себе колку можам. И сигурна сум дека тоа не е врвот, дека има уште и дека можам уште.

Како што ти течеше, така вратите се отвораа, една по една, дури и можам да речам без чукање. Зад сите врати ме чекаше нешто корисно и добро. Не правев никави планови за тебе, баш ништо. Оставив работите сами да се случуваат и така и беше.

За време на твоето владеење сфатив дека се преживуваат и работите за кои мислив дека би ме убиле. Но, не – ги преживеав како голема девојка.

Додека траеше, драга 2017 година, запознав луди луѓе и научив како треба да се однесувам со нив.

Кога се ќе се собере, можам да кажам дека беше добра. Задоволна сум.

И нема да ми недостасуваш.
И ти благодарам за се.