Досега легализирани 4262 дивоградби во Кисела Вода

На денешното јавно доделување на 50 нови решенија, претседателот на Советот Трајче Донев ја потенцираше важноста на стекнувањето со правен статус на објектите и за општината, но пред се’, за граѓаните.

Наведе дека оваа локална самоуправа презема низа мерки, со цел процесот на легализација да тече со задоволителна динамика.

- Ќе ги споменам кадровското и техничко доекипирање на Одделението за легализација на дивоградби, зголемувањето на бројот на комисии кои излегуваат на терен и воведувањето на практика за решавање на минимум 40-50 предмети на неделно ниво. Сепак, не би сакал да ја миноризирам и улогата на сопствениците на нелегално изградените објекти, бидејќи , за процесот на легализација да тече, тие мораат да достават комплетна документација до административните служби. Бројот на поднесени барања без геодетски елаборат, во овој момент изнесува 2934, истакна Донев.

Честитајќи им на граѓаните кои од денес станаа реални сопственици на легализираните објекти, тој назначи дека општина Кисела Вода исчекувајќи ги новите измени во Законот за легализација ќе продолжи да работи со истата динамика во интерес на граѓаните, како би се заокружил овој процес.