Дора Попова: Младите се почесто ја жртвуваат љубовта за да ги задоволат своите професионални амбиции

Интервју со Дора Попова, психолог и социотерапевт: Младите се почесто ја жртвуваат љубовта за да ги задоволат своите професионални амбиции

Во најновото интервју разговараме со Дора Попова, психолог и социтерапевт. Таа во моментот е магистрант во областа на клиничката и советодавната психологија. Работи приватна пракса во Центарот за применета психологија “Дора“ кој таа го основала пред две година. За себе вели дела е сонувач на големи соништа и во себе ја носи болеста, таканаречена ентузијазам.

Скопје Инфо: Дора, живееме во тешко време на технологија и промени. Кажи ни како тоа се одразува врз човечкото секојдневие.

Дора Попова: Лично, не сметам дека развојот на технологијата е главниот виновник за тешкото време и промените. Ако се вратиме сто години наназад, нашите предци кои живееле во тоа време сигурно би го критикувале начинот на живот на нашите баби и дедовци пред педесет години и би рекле дека во нивно време не постоела машина за перење алишта или пегла и дека генерациите после нив живеат многу поразлично од тоа што живееле тие. Од друга страна и пред педесет години постоеле луѓе што биле алергични на глутенски производи, но медицината во тоа време не можела да даде соодветна дијагноза, па тие умирале без да ја знаат точната причина за својата смрт. Според ова можеме да видиме дека развојот на технологијата постои откако постои и човекот, се разбира во различни облици, карактеристични за секоја доба, диференцирајќи се се до ден денес во еден најсовршен облик, карактеристичен за 21-от век. Дури и не би рекла дека денес се случуваат нешта, кои не биле карактеристични за минатото, туку разликата е во тоа што денес се повеќе се зборува на глас за тие нешта,па поради тоа навидум се чини дека постојат големи промени. Особено тука е присутна масовната појава на медиумите кои ставаат акцент на многу контроверзии, а на тој начин само се предизвикува хаос и збунетост.

Скопје Инфо: Често работите со млади, на што најчесто се жалат тие од психолошки аспект?

Дора Попова: Младите навистина се соочуват со проблеми кои се карактеристични за денешницата, како резултат на новите глобални вредности кои се сервирани како  да се“прави“ вредности. Желбите и амбициите се преголеми, успехот во кариерата се става на централно место, премногу се цени интелектот, а емоциите се потиснуваат се повеќе. Да не зборувам за изветопереноста на ставот кон љубовта. Сум работела со млади клиенти кои буквално се случило да ја жртвуваат љубовта само за да ги задоволат своите амбиции, а со тоа неминовно доаѓаат и фрустрациите, за на крај да завршат на психотерапија. Од друга страна постојат и оние кои се летаргично настроени кон животот и кои сеуште очекуваат некој надворешен фактор од општеството да ги оствари нивните желби и потреби, па тука типот на фрустрација е поинаков.Чести појави се и проблемите со промискуитетноста, посебно кај жените за која погрешно се смета дека е израз на некаква слобода која во минатото ја немале. Би го споменала проблемот со преголемата врзаност за родителите, наместо сплотеност(проблем кој ми се чини дека е безвременски, а од него симптоматски потекнуваат многу други проблеми), потоа одбивањето да се стапи во брак поради страв да се загуби слободата, општиот страв од иднината, чести се и проблемите со анксиозност и депресија .

Скопје Инфо: Што е тоа што влијае да се појавуваат ваквите проблеми?

Дора Попова:  Денеска посебно се фаворизира индивидуалноста, наспроти колективноста. Главната парола по која се водат луѓето е: Биди она што си и охрабри се да преземеш чекор за да го реализираш својот максимален потенцијал. Тоа е супер мото, и лично јас самата живеам според него, но почнува да биде проблем тогаш кога ќе помине во границите на себичноста и егоизмот. И токму во тие граници луѓето го губат контактот со љубовта во себе, а потоа и со љубовта кон другите. Од друга страна има луѓе кои не се родени со таква сила и капацитет да ги исполнат тие барања, а упорно си ги поставуваат, па на тој начин одат против својата природа.  Постои и категорија на луѓе пак, кои се песимисти и се плашат од животот, како и да превземат било каков чекор за да почнат да го живеат. На крај останува да напоменам дека балансот е клучен, но дека е тежок да се постигне бидејќи за него е потребна голема свесност, па поради тоа се и ретки луѓето кои успеваат да го постигнат. 

Скопје Инфо: Според тебе, како политиката, вестите, политичките случувања и тензија влијаат психолошката состојба на луѓето?

Дора Попова: Политичките случувања влијаат навистина негативно и песимистички врз психолошката добросостојба на луѓето, а со тоа и на нивното општо здравје. Има луѓе кои се навистина осетливи кога е таа тема во прашање и лично сум била изненадена кога сум видела како некој добива хипертензија(покачен крвен притисок) само што ќе слушне вести на телевизија.

Скопје Инфо:  Може ли да им дадеме еден генерален совет на младите: како тие да се справуваат со проблемите кои им висат на глава?

Дора Попова:  Би рекла дека е важно младите пред се да ги преиспитаат вредностите и ставовите според кои се водат, бидејќи тие се најсуптилните непријатели кои живеат во умот на човекот и кои несвесно го втурнуваат во проблемите кои честопати тој самиот ги создава или ги гледа онаму кадешто ги нема. Луѓето имаат навика да го обвинуваат општеството за своите несреќи и проблеми, па таквиот став според мене е веќе епидемичен и затоа наоколу владее масовна депресија. Навистина е тешко да се сфати дека промената мора да почне од внатре, за да се манифестира однадвор, па поради тоа постојано имам конфликт со многу луѓе. Но искуството и работата на себе, барем на мене ми покажале дека кога ќе се променат ставовите, тогаш веќе следните чекори кон промената се многу полесни.

Скопје Инфо: Се чини дека депресијата е наше секојдневие. Што е во суштина депресијата и колку тој проблем е присутен кај младите во Македонија?

Дора Попова: Депресијата е автоагресија. Се сложувам дека проблемот со неа е масовен во Македонија и имајте во предвид дека секогаш кога некоја личност е во депресија, таа  всушност е автоагресивна, односно има проблем со потиснато чувство на лутина која не го изразила адекватно кон надворешниот извор од каде што било предизвикано, па го свртела кон самата себе. Но мора да бидеме свесни дека дури и човек секојдневно да ја изразува својата лутина, тоа не носи баш некоја промена, па каналот на празнење само бадијала ќе се потроши кога тогаш. Сепак фактот дека мора прво да ја исчистиме сопствената черга пред вратата, пред да се зафатиме со тоа да го менуваме општеството е вистина која тешко им паѓа на луѓето кои имаат навика обратно да гледаат на работите, па затоа е полесно да се западне во депресија.

Скопје Инфо: Како да се справиме со овој проблем?

Дора Попова: Искрено,само би рекла дека потребно е сите да работат на себе-освестувањето бидејќи само така може да се прекине магичниот круг во кој се врти оној кој по навика и несвесно ја игра улогата на жртва.

Скопје Инфо: Најголемиот дел од психолошките проблеми настануваат од одредени разочарувања во животот. Од најчесто се разочарува македонската младина?

Дора Попова:  Постои една поговорка која вели: Секое очекување со себе носи и разочарување. Во Македонија постојат луѓе  кои од една страна имаат високи очекувања од самите себе и чувствуваат дека државата нема доволно капацитети за да одговори на нивните очекувања, но постои и друга категорија на луѓе кои сеуште се врзани за социјалистичкиот систем на државна работа, а се подразбира дека за тоа е потребна партиска книшка. Некои успеваат да се снајдат со тоа и го прифаќаат тој модел, некои се разочаруваат и заминуваат од земјата.  Лично можам да ги разберам и едните и другите, бидејќи секој има свое субјективно гледиште на светот, па се однесува во согласност со тоа.  Друг тип на разочарување од кое посебно страдаат луѓето со повисока свесност е токму согледувањето на глобалната ниската свест, а пак тоа влијае и на меѓучовечките односи на некој начин.

Скопје Инфо: Јас лично, но и моите пријатели имаме перцепција дека живеме во напнато време со уште понапнати меѓучовечки односи, кој е вашиот став за ова и има ли излез и решение?

Дора Попова:  Врз напнатоста на меѓучовечките односи влијаат многу фактори. Факт е дека во нашата средина, политичката определба си го прави своето во голема мера, а позадината на сето тоа е егзистенцијалниот проблем.  Човекот се претвора во животно кога не е во можност да ги задоволи основните потреби. Ако хипотетички го тргнеме сето тоа на страна, ќе видиме како луѓето полесно се отвораат едни кон други и на виделина излегува пријателската настроеност. Но исто така, сметам дека постои и друг проблем, а тоа е фактот дека се повеќе се остри границата меѓу високата и ниската класа. Суптилно се јавува зависта, која не можеме да ја порекнеме, колку и да се обидуваме. Исто така погоре ја споменав и разликата во свесноста на луѓето. Излез од оваа состојба може да има, но проблемот е комплициран и системски, па искрено според мене, изгледите за било какво решение за сега се само утопија.

Скопје Инфо: На крајот има ли начин како да ги мотивираме и охрабриме нашите блиски за кои симболично кажано „светот пропаднал“, постои ли некаков начин за аматерска помош или поддршка?

Дора Попова:  Се разбира дека секогаш постои начин за излегување од било каква криза. Треба секогаш да имаме на ум, дека ние самите “влегуваме во пропаѓањето“ и како што самите сме влегле, можеме самите да излеземе, само излегувањето е малку потешко од влегувањето, од една многу едноставна причина. Кога човекот паѓа не е свесен за своите постапки кои го носат до паѓањето, а за да стане од дното, дефинитивно му е потребна свесност и напор. Тоа е од прилика како симнување и качување по планина. Качувањето е секогаш потешко, но погледот од горе, се разбира дека е поубав. Што се однесува до поддршката на блиските, секогаш е охрабрувачка, но мора да правиме разлика меѓу емпатија и симпатија. Дополнителното сожалување(симпатија), во смисла “Греота е, дај да му помогнеме“ не му помага на човекот, туку само го одржува во статус кво состојба, при која тој се учи дека секогаш другите ќе бидат негова потпора, наместо да научи сам да застане на свои нозе. Емпатијата секогаш звучи поохрабрувачки во смисла на тоа дека некој го разбираме што му се случува и му помагаме да застане на свои нозе за во иднина да може сам се поддржи себе.