Донесен нов урбанистички план за населбата Илинден

Советот на Општина Илинден донесе нов урбанистички план за населбата Илинден, чијашто површина на плански опфат изнесува 357,38 хектари за периодот до 2025 година.

Со новиот план се предвидуваат градби за домување, комерцијални и деловни намени, јавни институции, лесна и незагадувачка индустрија, зеленило и рекреација и инфраструктура.

- Со цел да им излезе во пресрет на барањата на своите граѓани, но и на потенцијалните домашни и странски инвеститори, а согласно стратегијата за локален економски развој, Општина Илинден е насочена кон урбанизирање на просторот. Во изминатиот период донесени се урбанистички планови за Марино, чија што површина на плански опфат изнесува 204,39 хектари и за Кадино чија што површина на плански опфат изнесува 135,5 хектари, со што вкупно, со новиот урбанистички план за Илинден, досега се урбанизирани 697,27 хектари, што е од огромно значење во имплементирањето на визијата за развојот на Општината во наредните 50 години, се вели во соопштението од општината.