Домаќинствата не штедеа струја за празниците - најголема потрошувачка е регистрирана во неделата на 31 декември

Македонските граѓани за време на новогодишните и божикните празници се покомотни и не штедат струја.Тоа го потврдуваат и податоците на дистрибутивната компанија ЕВН Македонија од каде велат дека последните денови од 2017 година, односно од 25 декември до 8 јануари потрошени се 323.854 мегават-часови електрична енергија.

Според нив во дистрибутивната мрежа просечно дневно вкупната потрошувачка во државата достигнувала 21.590 мегават часови.

– Најголема потрошувачка во земјава е регистрирана токму во неделата на 31 декември, последниот ден од старата година кога е достигнат и рекор од 23.388 мегават -часови – информираат од ЕВН Македонија и појаснуваат дека тогаш е регистриран еден од најладните денови ова зимо со минимални -5,4 целзиусови степени и максимални од плус 5 Целзиусови степени кои се измерени на локација околу скопскиот аеродром.

Но не е само надворешната температура туку и празничните подготовки и трпези влијаеа на зголемената потрошувачка.
Од дистрибутивната компанија потсетуваат дека лани во истиот тој период просечната дневна потрошувачка била поголема и достигнувала 24.370 мегават-часа -Разликата се јавува исклучиво заради разликата на температурите, а оваа година истиот период е значително потопло и температурите се повисоки – велат од ЕВН Македонија.

Како најголемо конзумно подрачје, овој тренд и понатаму го следи скопскиот регион.Така скопјани во овој период имаат регистрирано вкупна потрошувачка од 130.941 мегават -часа или во просек дневно по 8.729 мегават-часа. Во Скопје пак најладно било на 26 декември кога потрошени се 9.356 мегават-часови. Но не се штедело струја ниту на Бадник кога се подготвувала бадниковата вечера.

Во реонот на Охрид и Струга за време на празниците исто така се трошело повеќе електрична енергија која во просек достигнувала околу 1.000 мегават-часови.

Статистиката покажува дека лани потрошувачката на електрична енергија била најголема за време на верскиот празник Водици, што заради празнувањето и подготовките, но и поради тоа што имаше и драстичен пад на температурите во Македонија.

Така лани големите минусни температури ги натераа граѓаните повеќе да се топлат и повеќе да трошат струја, па така заради снегот и речиси руската зима, струјомерите вртеа како “луди# и сметките беа многу високи.

Анализата пак на Народната банка на Македонија покажува дека значителен дел од потрошена струја бил од увоз, односно вкупната вредост на увозот на електрична енергија во првите три квартали од 2017 година достигнал 82,2 милиони евра, што е за 19 милиони евра или за 29,2% повеќе споредено со истиот период во 2016 година кога за увоз на струја сме платиле 63,6 милиони евра.