Документарниот филм „Лебот на сеќавањето“ ќе биде прикажан во Музејот на холокаустот во Скопје

Документарниот филм „Лебот на сеќавањето“ ќе биде прикажан вечерва во 19 часот во Музејот на холокаустот во Скопје, во организација на Амбасадата на Италија во Скопје по повод комеморативните настани поврзани со 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија и по повод италијанското претседателство со IHRA (Меѓународна алијанса за сеќавање на холокаустот).

Проекцијата на филмот ќе се одржи во присуство на режисерот Луиџи Фачини, кој штотуку ја доби „Сребрената лента“ – една од најпрестижните награди на Италијанскиот национален синдикат на филмските новинари, како и на продуцентката Марина Пиперно, која е една од ретките што успеаја да избегаат за време на масовната депортација на Евреите во Рим во октомври 1943 година. Предвиден е и краток вовед од страна авторите.

Филмот, кој веќе беше прикажан по повод одбележувањето на Денот на сеќавањето на холокаустот, ја раскажува долгата историја на еврејската заедница во Петилјано (Италија) преку сведочење на последниот жив член на таа заедница. Нејзиното интензивно сведочење дава светло на интеграцијата меѓу христијаните и Евреите, во голема мера изменето по воведувањето на расните закони, што довело до исклучување од заедницата, дискриминација и, конечно, депортација.

Пред проекцијата, Горан Садикаријо, директор на Фондот за холокаустот на Евреите од Македонија, Берта Романо-Николиќ, претседателка на Еврејската заедница на Република Македонија, како и Карло Ромео, амбасадорот на Италија, ќе оржат говори.