Дојдов за фудбалот, би се вратил заради Скопје

Песните на Манчестер јунајтед се слушаат во близина на плоштадот „Македонија“ (таму се поставени и навивачките зони), каде што расположените навивачи на англискиот великан, седеа во кафулињата и во рестораните. Можеше да стекне впечаток дека им се допаѓа престојот во Скопје, што ни го потврди еден посетител од Обединетите Арапски Емирати, пишува Нова Македонија.

Бројни љубители на фудбалот од целиот свет можат да се забележат низ центарот на Скопје, во пресрет на вчерашниот натпревар од Суперкупот на УЕФА помеѓу шпански Реал Мадрид и англиски Манчестер јунајтед, кој ќе се игра на националната арена „Филип Втори“.

- Јас доаѓам од Абу Даби, го следам Манчестер јунајтед насекаде низ светот. Сум бил на многу натпревари, а за Манчестер Ј. би патувал и на Месечината. Скопје е прекрасно, многу ми се допаѓа. Народот е љубезен, пријателски расположен и отворен. Дојдов тука за фудбалот, а би се вратил пак заради Скопје - ни кажа Јасин, кој очекува победа на неговиот омилен тим од 3-1.

Македонските симпатизери, пак, нестрпливо чекаа на топлото време, да се појават нивните миленици, пред хотелите „Александар Палас“, каде што ќе биде сместен актуелниот европски првак Реал Мадрид, односно пред ТЦЦ Плаза, каде што ќе престојува освојувачот на Лига Европа, Манчестер јунајтед. Навивачи од сите возрасти, со дресови, шалови, знамиња на саканите клубови, чекаа прилика да ги поздрават нивните омилени фудбалери.

- Чекам да ги видам фудбалерите на Манчестер јунајтед. Ова е ретка прилика кога можам да ги видам одблиску и би ги чекал со саати, дури и на 40-50 степени. Ништо не е тешко кога во прашање е клубот за кој навивам уште од дете - порача Бојан од Скопје, кој стоеше во близина на „ТЦЦ Плаза“, заедно со неколкумина свои другари, сите навивачи на клубот од „Олд Трафорд“.

Македонските симпатизери на Реал беа побројни пред „Александар Палас“, во однос на оние кои чекаа пред „ТЦЦ Плаза“. Стотина навивачи на „кралевите“ ги чекаа Кристијано Роналдо, Серхио Рамос, Лука Модриќ и останатите ѕвезди на Реал, наспроти десетици приврзаници на англискиот клуб.

- Серхио Рамос ми е омилен играч. Тренирам фудбал и тој е мој идол. Го гледав и кога шпанската репрезентација гостуваше во Скопје, но чувството е поинакво кога доаѓа Реал Мадрид, бидејќи тоа е клубот кој најмногу го сакам - вели момче кое го носеше препознатливиот бел дрес на шпанскиот гигант.

Повеќето од македонските љубители на фудбалот немале среќа да дојдат до билети за утрешниот меч, кој ќе го следат преку телевизија.