Доделени признанијата на најдобрите ученици – првенци на генерација од сите основни училишта во Карпош

Во клуб „Фонтана“, во еко училницата на ООУ „Лазо Трповски“, денеска беа доделени признанијата на најдобрите ученици – првенци на генерација од сите основни училишта во Карпош.

Станува збор за најдобрите десет ученици кои во текот на учебната година покажаа континуиран и одличен успех, интерес во повеќе области и сегменти од наставните програми. Овие млади луѓе ќе добијат еднократна парична награда од 10.000 денари од Општината.

Градоначалникот Стефан Богоев на првенците им врачи „Дипломи за првенци на генерација“ и притоа ја искористија приликата да поразговааат за текот на тукушто  измината учебна година, предизвиците со кои се соочувале и идните планови за продолжување на образовниот процес.

 -Мило ми е што покрај фактот дека сте со одличен успех, сите од вас се вклучени и во голем број на вонучилишни активности, проекти, преку кои имате можност дополнително да ги развивате вашите вештини, а и да дадете личен придонес во заедницата, рече Богоев.

Во неформален разговор со најмладиот градоначалник во нашата држава, учениците се интересираа и за неговите училишни денови, младоста, како го поминувал летниот распуст...

Тој им посочи дека основното образование го завршил во ООУ „Војдан Чернодрински“, а гимназија во „Никола Карев“, додека растел на платото на „Млечен“.

Богоев ги охрабри младите ученици да бидат постојано активни и самоуверени, но и да бидат отворени за различно мислење.

-Младоста носи скепса во очите на повозрасните, но ако работите, играте тимски и притоа не заборавите што сте биле, секој може да успее, да оствари одредена цел или желба, им  порача Богоев на најнадежните ученици.